• среда, 25 декември 2024

Мицкоски бара оставка од Ковачевски и обвини за „Дуизација“ на системот

Мицкоски бара оставка од Ковачевски и обвини за „Дуизација“ на системот

Штип, 11 мај 2023 (МИА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашната трибина во Штип побара оставка од премиерот Димитар Ковачевски и од целата Влада и обвини за „Дуизација“ на системот и на државата.

- Најгласен е муабетот во одредени политички кулоари дека Ковачевски кој работи како помал бизнис партнер на ДУИ во владата, веќе еднаш си поднел писмена оставка до Собранието. Па овие кои се многу свесни дека со подот на власта доаѓа и одговорност, многу жестоко го убедувале во спротивното. Талат и останатите од компанијата го убедувале да не си даде оставка, затоа што знаат дека од правдата нема бегање. Значи имаме премиер кој утрото се буди, попладнето си дава оставка, а вечерта се премислува затоа што на човекот тоа место му е подарено и не му се одговара толку брзо, па си вика, да се тргнам и да се спасам на време, рече Мицкоски во обраќањето пред штипјани.

Мицкоски нагласи дека Ковачевски прифатил улога со која не можел да се носи, и затоа побара да се охрабри и да го направи чекорот, веднаш да си поднесе оставка.

- Па еве од овде од Штип сакам да му порачам: Ковачевски не мачете се и престанете да ја тонете Македонија, дајте си оставка. Оставка на цела влада. Прифативте улога со која не можете да се носите. Немавте храброст за дебата за договорот со Коридорот 8 и 10 Д, барем имајте храброст да ставите потпис на вашата оставка. Оставка барем да не го загубите достоинството ако барем и малку ви преостана. Оставка затоа што со секој ден мислење дали да ја дадете или не, дополнително ја тонете Македонија. Направете го чекорот, охрабрете се и дајте оставка, така ќе ја спасете Македонија и ќе направете едно нешто добро во овој малку мандат што ви остана, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски порача дека ниту една оставка нема да биде бегство од одговорност, а правда ќе има за секој еден украден денар.

- Како на лента се повторуваат проблемите, истите стравови со кои власта опстојува во институциите. Тоа не е целата власт, туку неколкумина од нејзе, кои на државата гледаат како корпорација, бизнис зделка, каде главен директор е ДУИ, со подизведувач СДС. Тие неколкумина кои раководат со државата се едната иста клика, која го предизвикува истиот хаос кој го мачи народот. Имаме Дуизација на системот што ни носи Дуизација на Македонија рече, Христијан Мицкоски на денешната трибина во Штип во организација на партијата, а на тема „Современи образовни политики“.

Според него, „тоа не е само политичко окупирање на институциите, туку еден извитоперен систем на невредности, на криминално однесување кое го труе системот и секоја здрава клетка“.

- Дуизацијата го зафати и судството и обвинителството, кое пак им е гаранција дека нема да одговараат за криминал што го прават. Притоа секогаш кога ова јавно ќе го споделам тие веднаш дефокусираат прикажувајќи го како напад против Албанците. Ова не е напад против Албанците, туку напад кон оној мал број луѓе од таа каста кои ги крадат албанскиот народ исто како и македонскиот, а се нарекува ДУИ, со подизведувач СДСМ, рече Мицкоски.

Тој се осврна и за коридорите 8 и 10д, како и за економската состојба.  Забележа дека државата е на колена поради неуспесите кои ги создава власта, како и дека  е во црвена алармантна зона.

-Стапката на раст на бруто-домашниот производ за четвртото тримесечје од 2022 година е само 0.6 %. Вкупниот раст на економијата беше далеку од прогнозираниот и само Русија и Украина кои се во војна  имаат помала стапка на раст на своите економии оваа година. Извештајот на Светска банка покажува дека македонската економија годинава ќе порасне за само 2,1% што е најниско ниво во Европа, вели Мицкоски.

Посочи дека поголем бруто домашен производ имаат и Босна и Херцеговина, како и Косово. вдј/са/

 

Остани поврзан