• четврток, 19 декември 2024

Мицкоски: Вечерва имавме класична полициска монтажа чија цел беше убиство

Мицкоски: Вечерва имавме класична полициска монтажа чија цел беше убиство
Скопје, 6 јули 2022 (МИА) - Вечерва се случи тежок инцидент, кој по сите параметри е класична полициска монтажа чија цел беше или убиство на некој недолжен граѓанин, мајка со дете, пензионер, млад човек или мое убиство и ова требаше да личи на меѓуетнички конфликт, а всушност не е ништо повеќе од борба за власт, фотелји и функции на партиите кои се дел од Владата, изјави вечерва на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упатувајќи повик до граѓаните за смиреност во, како што рече, овие тешки времиња. - Ова нема врска со меѓуетничка нетрпеливост, туку единствено повторува борба за гола власт. Меѓу другото, подолго време добивам неформални информации кои говорат за моја елиминација која ја нарачува власта. Не придавав значење. Вечерва видовме најмалку две лица со огнено оружје кои беа подготвени тоа да го направат, изјави Мицкоски. Тој обвини дека полицијата ја немало на потребното место и мистериозно се појавила помала група од 10-ина луѓе вооружени со огнено оружје. - Тие дури направија и повеќе истрели кои се само за чиста среќа не завршија во илјадниот народ кој излезе мирно да протестира против оваа власт. Сакам да потсетам дека ваквото сценарио го најави власта, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Најави дека ќе има меѓуетнички тензии, Ако не поминел предлогот кој опфаќа асимилација и бугаризација на Македонија. Ковачевски и Спасовски во континуитет градат милитантен контекст на создавање тензии и поделба. Најава за молотови коктели, жртви и слично. И тоа откако не им успеа, а тоа беше сценариото за уфрлање на полициски инфилтрати, кои ќе предизвикаат инциденти, а за кои подоцна ќе биде обвинет мирниот и достоинствен народ. Вечерва го достигнаа врвот во својата монструозност, каде требаше да се загуби човечки живот, еден или повеќе за да тие останат на власт и што е пострашно да продолжат да крадат, обвини Мицкоски. Посочувајќи фотографија од настанот тој нагласи дека на неа се гледа пиштол и „народот кој не му се плаши“. - Тоа е пораката од власта. Оваа слика јас ви ветувам дека нема да ја заборавиме. Тој беше насочен за губење на нечиј невин човечки живот. На овие слики кои ги гледаме не е најважна етничката припадност. Туку гледаме криминалци, хушкачи на власта кои заедно со власта одат против народот. И немојте да се обидувате да кажувате дека луѓето се припадници на една или друга политичка опција. Тие имаат една страна, а тоа е страната на криминалот и тоа дека имаат тесни врски со власта за која одработуваат, изјави Мицкоски. Коментирајќи ги информациите дека осомничениот напаѓач е идентификуван како брат на директорот на „Комунална Хигиена“ – Скопје, кој е од редовите на Алијансата на Албанците, Мицкоски побара да не се политизира работата. - Денеска јас не зборувам со политички речник, туку со човечки речник. Денеска упатив порака на оваа прес-конференција за обединување да бидеме над политиката и да бидеме над оние политичари коишто повикуваа за меѓуетнички тензии во Македонија под диктат доколку тоа што тие го замислиле не помина. Дали е член или не е тоа не ме интересира. Секој којшто се огрешил, што сторил криминал треба да одговара. Овој човек стори криминал, впери пиштол кон народ и треба да одговара, изјави Мицкоски. Тој рече дека упатува порака до Албанците, нагласувајќи дека „оваа борба е заедничка за нашата заедничка иднина, каква што била низ вековите ќе биде во заедничката иднина која ќе ја градиме заедно во достоинствена Македонија“, бидејќи нема да има колективна среќа ако македонскиот народ биде понижен. - Порака до Македонците – да останеме мирни и достоинствени и грчевито храбро да се бориме за нашата иднина. Знам колку е тешко и какви времиња носиме со себе и против што се бориме. Сакам да ве уверам и покрај тоа што имаа и хушкачи помеѓу Македонците, луѓе коишто лиферуваат на дневна основа, лажни вести сакајќи да ги манипулираат Македонците нема да отстапам ниту да се повлечам, ќе одиме до крај уште побројни, помасовни продолжуваме утре, рече Мицкоски. Тој додаде дека ќе опстојат до крај на она за кое што мислат дека е исправно, а тоа се протестите „против асимилација на македонскиот народ, односно бугаризација на македонскиот народ“. - Продолжуваме утре во 19 часот пред Владата, а јас заедно со вас ќе го предводиме повторно победничкиот марш за слободна Македонија. Нема чекор назад затоа што ќе одиме напред со народот на Македонија силно, мирно и со гордо крената глава, порача Мицкоски. мс/сп/

Остани поврзан