Мицески на надзорната расправа: Најмногу прашина во индустрија се создава кога вие го дробите материјалот
- ННауката вика проблемот се решава каде што се создава. Ако ни избега прашината во воздух, никогаш нема да ја втасаме да ја исчистиме, истакна Кирил Мицески, дипломиран машински инженер и стручњак за филтрација на воздухот на попладневниот дел од надзорната расправа за аерозагадувањето која се одржува во рамки на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Скопје, 25 февруари 2025 (МИА) - Науката вика проблемот се решава каде што се создава. Ако ни избега прашината во воздух, никогаш нема да ја втасаме да ја исчистиме, истакна Кирил Мицески, дипломиран машински инженер и стручњак за филтрација на воздухот на попладневниот дел од надзорната расправа за аерозагадувањето која се одржува во рамки на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
-Се решава на местата каде што се создава. На тој начин се користи најмалку енергија, најмала е инвестицијата и најефикасно е решението. Во спротивно, не постои свет грал што може да го исчисти цел воздух во атмосферата. Најмногу прашина во индустрија се создава кога го дробите материјалот, конкретно за мермерен комбинат „Сивец“ во Прилеп. Таму има дробилка поставена од 1977 година. Таа дробилка не се сеќавам еден ден да работела како што треба. Уште при самото поставување на таа опрема му се затнале филтрите и на крајот рекле подобро е да ги извадиме филтрите, па нека загадува, рече Мицески.
Тој нагласи дека прашината настанува во индустријата при минирање кое се користи во рударството, особено кај нас тоа е многу актуелно затоа што, како што рече, имаме многу рудници со отворен коп како „Суводол“ рудникот за јаглен, рудници во прилепско за мермер, рудници за неметални суровини во Струмица,...
-Би ги спомнал и рудниците со затворен коп затоа што кога ќе ја извадете карпата, вас ви треба фина прашина и таа се користи во вашата индустрија како финален производ, дали би била руда која за вие да добиете концентрат вие рудата мора да ја издробете. Тука зборуваме за дробење со дробилки, потоа следуваат транспортни траки, па имате сита, се додека не добиете финален производ, а тоа е фината прашина која вас ви користи како финален производ. Тука е производството на цемент, на градежни материјали, на руден концентрат дали би било олово цинкова руда или бакарна руда како што има во Македонија. Имаме места каде се врши дробење на материјал - асфалтни бази, сепарации. Како фина прашина имаме и користење во прехранбена индустрија како репроматеријал, хемиска, фармацевтска индустрија, каде што имаме манипулација на прашината со цел да се добие финален производ. Во Македонија има и фирми кои работат сечење на текстил на ЦНЦ машини, стаклени влакна и сечење на пластика, рече Мицески.
Одговарајќи на прашања на пратениците, Мицески потенцира дека доколку ги имаат потребните филтерски системи поставени како што треба, нема потреба да бидат дислоцирани Цементарница и Железара од централното подрачје на Скопје. Посочи дека со соодветна заштита, нема проблем било каде можат да биде индустријата.
Претходно, во рамки на расправата од невладините здруженија потенцираа дека во 2022 година, како последица од енормно загадениот воздух, 3600 луѓе починале предвреме што, како што посочија, е 16 отсто од вкупниот број починати во таа година. Потенцирајќи ги изворите на загадување, тие ги посочија горивата, загревањето, согорувањето, индустријата... Притоа нагласија дека „заблуда кај нас е дека домаќинствата што се загреваат на дрва не загадуваат“.
Повикаа фокусот да се стави на енергетска ефикасност и на горивата што ги користат јавните институции и домаќинствата и сериозно да се размислат проектите за хидроцентрали, гасификација и декарбонизација.
На надзорната расправа се сослушуваат овластени претставници и сведоци поделени во шест сесии – невладини организации, академската заедница, единиците на локалната самоуправа, јавни институции, владини претставници и приватен сектор.фф/са/
Фото: принтскрин