• недела, 17 ноември 2024

Мицевски: Џафери да ѝ ја врати на Владата Информацијата која ги нема главните документи

Мицевски: Џафери да ѝ ја врати на Владата Информацијата која ги нема главните документи
Скопје, 8 јули 2022 (МИА) - Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ од претседателот на Собранието Талат Џафери бара да ја врати во Владата Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на земјава со Европската Унија, која вчера беше пратена до Собранието, бидејќи „не содржи ниту еден документ“. Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес-конференција изјави дека Владата во Собранието пратила само еден лист хартија и ги нема важните документи, што, според него, е „класична девастација и девалвација на Собранието и класична злоупотреба и симнување на најниско ниво на законодавниот дом“. - Материјалот што е стасан од Владата во Собранието се заснова на информација за предлог-преговарачката рамка од еден лист. Текст од една страна е целиот материјал што Владата го испрати за одлучување во Собранието врз основа на што пратениците треба да се изјаснат за иднината на Република Македонија. Срамота за државата, срамота за Владата, а уште поголема срамота за Собранието, коешто прима вакви документи, рече Мицевски откако соопшти дека нивната Пратеничка група пратила барање до Џафери да ја врати Информацијата во Владата. Тој реагираше зашто во испратениот материјал ги нема Документот со заеднички став на ЕУ,  Предлог преговарачката рамка на ЕУ, односно Општиот став на ЕУ, Предлог-заклучучоците на Советот и Билатералниот протокол меѓу нашата земја и Бугарија, за кој, според него,  министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска изјавиле дека е усогласен. - Криењето на овие документи само ја зголемува загриженоста дека овој пакет на документи е штетен за Македонија. Апелираме до сите и до вас новинарите, да направиме заеднички притисок македоско-бугарскиот протокол да биде објавен веднаш. Ги повикувам и пратениците од власта да направат притисок, да ги добијат сите релевантни документи, вклучувајќи го и билатералниот протокол врз основа на коишто ќе можат да решаваат и да носат одлуки и да не дозволат да бидат повторно гласачка машина на веќе договорени процеси на Владата и челниците на Собранието. Ова е класичен пример за префрлање на одговорноста за штетниот француски предлог врз пратениците. Се работи за Меѓувладина конференција која ја одобрува и потпишува Владата, а не Собранието да ја задолжува Владата со заклучоци. Нема да дозволиме да се кријат зад нас пратениците и токму затоа го повикуваме Џафери да не го вовлекува Собранието во оваа игра на Владата, истакна Мицевски. На прашање како ќе постапува ВМРО-ДПМНЕ според деловничките можности ако Информацијата биде ставена на дневен ред, Мицевски одговори дека ставот ќе биде изграден на координација на нивната Пратеничка група и ќе го договорат начинот на дејствување. - Меѓутоа, се наѕира од она што го кажуваме деновиве се наѕира на каде ќе оди целата работа. Апелирам до пратениците од власта, не она што го изјавуваат челниците од СДСМ, туку самите тие да размислат, бидејќи тие ја носат одлуката која сите граѓани ја очекуваат. Дали добиле мандат и дали можат да донесат одлука врз основа на недоволен број документи и, пред се, криење на главниот документ. Билатералниот протокол е документот врз основа на кој ќе се води играта во натамошниот период, рече Мицевски. Според него, нема поента ниту да продолжат средбите  на партиските работни групи во Собранието во врска со францускиот предлог. хс/сп/

Остани поврзан