• среда, 25 декември 2024

Мицевски: Мандатарот треба да предложи министри за секое министерство согласно Законот за Влада, до крајот на неделата ќе ги соопштиме нашите предлози

Мицевски: Мандатарот треба да предложи министри за секое министерство согласно Законот за Влада, до крајот на неделата ќе ги соопштиме нашите предлози

Скопје, 22 јануари 2024 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ, во контекст на формирањето на техничката влада и изјавата на премиерот Димитар Ковачевски нивните места да останат празни додека не ја гласаат техничката влада, посочува на членот 3 од Законот за Влада, во којшто, меѓу другото, се вели дека „мандатарот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор“. Опозициската партија се уште нема донесено одлука за кадровските решенија во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика и за дополнителните заменици министри. Засега се најавува само седница на Извршниот комитет на партијата за среда. 

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ваквите изјави ги оценува како „политички аматеризам“ или „политички дилетантизам“ затоа што, како што нагласува, Уставот и законите се доволно прецизни и јасни.

-Ние како ВМРО-ДПМНЕ побаравме укинување на оваа пржинска влада затоа што знаеме до што се може да доведе и знаејќи ги потезите коишто власта во очај ќе ги презема во наредниот период. Инаку, многу јасен е Законот за влада каде што во член 3 се вели „мандатарот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор“. И тука ставаме точка и тоа е тоа кое што треба да го испочитува кандидатот за мандатар. Ние од кандидатот за мандатар се уште немаме слушнато изјава по однос на ова, меѓутоа можеме да ги насочиме да го погледнат член 3 од Законот за влада, рече Мицевски.  

Тој вели да тргнеме од основните работи и прашува ако нема министри кој ќе ги потпишува на пример, платите во Владата.

-Ние не можеме да имаме дополнителни министри или заменици кога Законот е сосема јасен дека органи на управи се Владата, а во владата раководат министри. Сето друго е надвор од Уставот, надвор од се она што го даваат законските регулативи во нашата држава, посочува Мицевски.  

За тоа кога ќе бидат соопштени имињата на нивните претставници во техничката влада, тој рече дека до крајот на неделата има уште време за тоа. Потврдува дека е планирана седница на Извршниот комитет за среда, но и тоа зависи од тоа што ќе се случува во наредните денови.  

-Затоа што очигледно е дека немаме конкретен датум и немаме оставки, така што во наредните денови до крајот на неделата, односно до рокот којшто ќе биде утврден врз основа на оставките, ВМРО-ДПМНЕ ќе разговара и ќе предложи свои кандидати за сите овие отворени места, рече Мицевски.  

Според информации од владејачкото мнозинство, оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Џафери би требало да се случат во деновите пред новата седница на Собранието закажана за петок, 26 јануари, кога би биле констатирани оставките и избран новиот претседател на Собранието Јован Митрески, актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ. Изборот на техничката Влада треба да биде во недела на 28 јануари. Таа треба да биде избрана најдоцна до полноќ, а ќе ја предводи сегашниот претседател на Собранието Талат Џафери.   

Собраниски извори денеска брифираат дека последните изјави на премиерот Димитар Ковачевски и ДУИ и најавите од ВМРО-ДПМНЕ може да го променат текот на предвидените формално правни активности врзани со техничката влада. Во денешната куса информација по координацијата, од Кабинетот на претседателот на Собранието се наведува и дека во однос на изјавите од политичките партии, Џафери не коментира партиски изјави. 

Од Кабинетот на Џафери исто така соопштија дека роковникот во однос на активностите во Собранието што беше претходно споделен останува непроменет. 

Според најавите по првата координација на 9 јануари, подготовките за техничката Влада треба да почнат денеска и да завршат со гласање во недела на 28 јануари. На координациите со Џафери редовно не присуствуваат претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а сега и претставниците на албанската опозиција, која го бојкотира Собранието поради тоа што не е прифатен нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија.

-Во периодот од 22 до 28 јануари на пленарна седници ќе се реализираат следниве процедури: констатирање на оставка на претседател на Влада и претседател на Собрание, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5. За сите активности и прецизни рокови ќе информираме навремено, посочија од Собранието на 9 јануари. 

Техничката влада се формира сто дена пред изборите за пратеници на 8 мај и мандатот и трае до изборот на нова влада. ев/са/

ФОТО: МИА

 

Остани поврзан