• недела, 24 ноември 2024

Михајловиќ: Намалувањето на зависноста од еден снабдувач, Русија, е единствен начин за енергетска безбедност

Михајловиќ: Намалувањето на зависноста од еден снабдувач, Русија, е единствен начин за енергетска безбедност
Белград, 5 мај 2022 (МИА) - На средбата во Софија на министерите за енергетика „Југоисточна енергетска транзиција - регионална соработка за енергетска безбедност, диверзификација и транзиција“, српската вицепремиерка и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ изјави дека формирањето на Регионалната работна група ќе ја намали зависноста од една снабдувач и ќе влијае на зголемување на енергетската безбедност на регионот и дека целта на Србија е да обезбеди повеќе добавувачи на гас, бидејќи тоа е единствениот начин да се биде енергетски безбеден, јави дописникот на МИА од Белград. - Денеска ја имавме првата работна група во која сите земји партнери сакаат да ја намалат зависноста од еден снабдувач, во нашиот случај тоа е зависноста од Руската Федерација. Би било полесно порано да работевме на диверзификација на рутите и добавувачите, но Европа се опушти. Крајно време е да направиме се што можеме за да имаме повеќе добавувачи, бидејќи тоа е единствениот начин да бидеме побезбедни, изјави Михајловиќ, се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет. Регионалната работна група е дел од Платформата на ЕУ за купување енергија и предлозите ќе бидат дел од подготвителните сценарија на ЕК за спроведување на заедничкиот план за попристапна, безбедна и одржлива енергија (REPowerEU), што ќе биде претставен во средината на мај. - Овде во Софија има земји-членки на ЕУ, претставници на ЕК, Енергетската заедница, но и други земји кои не се во ЕУ, но се важни за целиот синџир на снабдување, како Азербејџан, или земји кои се во процес на приклучување како Србија и Северна Македонија, изјави Михајловиќ. Таа заедно со бугарскиот министер Александар Николов присуствуваше на потпишување на договорот помеѓу Булгартрансгас и ДЗЗДинтернационал гас за проектирање, испорака на потребни материјали и опрема, изградба и пуштање во употреба на гасната интерконекција на Србија на бугарска територија. - За нас интерконекцијата со Бугарија е најважниот проект. Работите од наша страна започнаа во јануари, денеска е потпишан договор за работите од бугарска страна, со што ќе се забрза процесот на изградба на интерконекцијата и извесно е дека се ќе биде завршено до септември следната година. Тогаш ќе добиеме можност да се снабдуваме гас со терминалите за ЛНГ во Грција или Азербејџан, изјави Михајловиќ во Софија. об/ми/

Остани поврзан