• среда, 25 декември 2024

Михандост за македонските медиуми: И се восхитувам на уметноста, таа е мост за комуникација на образовани и слободоумни луѓе

Михандост за македонските медиуми: И се восхитувам на уметноста, таа е мост за комуникација на образовани и слободоумни луѓе

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Во кино салата на Кинотека во петок, 15 декември, ќе биде прикажан најновиот филм „Кафе“ на иранскиот режисер Навид Михандост. Со ова, Меѓународниот филмски фестивал Киненова Скопје дава поддршка на овој ирански филмски автор, кој на 20 август оваа година беше уапсен во Иран за да отслужува тригодишна затворска казна. Режисерот даде и куса телефонска изјава за македонските медиуми.

Навид Михандост, од затворот во Техеран, каде ја одлежува триипол-годишната казна во изјава за македонските медиуми посочи оти е среќен што новиот филм ќе се прикажува во Скопје и изрази благодарност до МФФ Киеннова што ја организираше специјалната проекција за мојот филм.

-Ве поздравувам од Техеран. Многу сум среќен што ќе го гледате мојот нов филм во Скопје, главниот град на Македонија, и благодарност до МФФ Киненова што ја организираше специјалната проекција за мојот филм. Ја сакам и се восхитувам на уметноста во смисла што таа е мост за комуникација за образовани и слободоумни луѓе ширум светот. Од една страна сум среќен што мојот нов филм го продолжува својот динамичен живот, а од друга страна ми е жал што не можам да сум со вас, за лично да ја доживеам реакцијата од македонската публика на оваа моја филмска приказна, изјави режисерот.

Од фестивалот соопштија дека искажуваат јавна и недвосмислена поддршка за ослободување и укинување на затворската казна, која започна да ја отслужува заради обвинение дека снимал документарен филм за иранската новинарка Масих Алинеџад, која со својот женски активизам наводно ја загрозила безбедноста на државата.

-Тимот на МФФ Киненова заедно со Солунскиот филмски фестивал и Коалицијата за заштита на филмски автори во ризик, максимално се солидаризира со овој исклучително храбар, одважен и талентиран ирански филмски автор. Со цел да ја доближи целата лична драма на овој уметник до македонската публика, организаторите на фестивалот КИНЕНОВА ќе обезбедат директен контакт на публиката со сестрата на режисерот Навид, Неда Михандост, која ќе се обрати пред присутните и македонската јавност во име на нејзиниот затворен брат и ќе го пренесе подетално неговото обраќање, соопштија од Киненова.

Во рамките на специјалната програма на МФФ Киненова, во сабота, 16 декември ќе биде прикажан провокативниот англиски филм „Фатална жена“ на Сем Фринам ин Нг Чон Пинг. Во понеделник, 18 декември, ќе биде прикажан украинскиот филм „Клондајк“ на Марина Ер Горбах, а на 19 декември во вторник ќе биде прикажан шпанскиот филм „20 000 видови пчели“ на Естибалиц Уресола Солагурен, кој на осмото издание на Киненова ја доби специјалната награда на жирито. бт/аа/

Фото: Киненова

 

Остани поврзан