• недела, 24 ноември 2024

Митрополитот на Нубија и Судан: Во православната црква во Картум два дена се заглавени 15 лица

Митрополитот на Нубија и Судан: Во православната црква во Картум два дена се заглавени 15 лица

Атина, 17 април 2023 (МИА) – Грци, Суданци, Етиопјани и Руси, вкупно15 лица од саботата се заглавени во православната црква во Картум, според митрополитот на Нубија и Судан, Савас, кој за грчката државна телевизија „ЕРТ“, истакна дека ноќта поминала мирно, но утрово продолжиле судирите и континуирано се слушаат пукотници, јави дописничката на МИА од Атина.

Митрополитот, кој е заедно со верниците рече дека имаат прекини во снабдувањето со вода и струја, но не постои проблем, бидејќи засега имаат резерви.

- Во комуникација сме со Министерството за надворешни работи и постојан контакт со амбасадорот на Грција во Каиро, во моментов е многу тешко да се најде решение поради ситуацијата, но се обидуваме да најдеме решенија, истакна митрополитот Савас, кој додаде дека не можат да излезат од Соборниот храм, ниту да видат што се случува надвор, бидејќи е многу опасно.

Според Министерството за надворешни работи на Грција меѓу повредените во Судан се и двајца грчки државјани, кои се хоспитализирани.

Од грчкото МНР соопштија дека по наредба министерот за надворешни работи Никос Дендиас активирана е Единицата за управување со кризи, која е во комуникација и координација со останатите земји- членки на ЕУ преку системот за конзуларна соработка, како и со митрополитот Савас.

Преку соопштението уште еднаш побараа од сите Грци кои се наоѓаат во Судан да се придржуваат кон безбедносните мерки и да ги избегнуваат непотребните движења. ср/ми/

фото: Твитер

 

Остани поврзан