• сабота, 23 ноември 2024

Северна Македонија и Италија ги продлабочуваат пријателските односи, поддршка за евроатлантските аспирации

Северна Македонија и Италија ги продлабочуваат пријателските односи, поддршка за евроатлантските аспирации

Скопје, 25 март 2024 (МИА) - Северна Македонија и Италија ги продлабочуваат пријателските односи, меѓусебната поддршка е значајна, оцениле на денешната средба во Скопје претседателот на Собранието Јован Митрески и италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри.

Митрески, како што е наведено во соопштението од собраниската прес-служба, оценил дека политичките односи меѓу двете држави се одлични и се карактеризираат со интензивна динамика, која ја следи и соработката меѓу парламентите. Тој изразил благодарност за долгогодишната италијанска поддршка за Република Северна Македонија на сите полиња, особено во врска со исполнувањето на стратешките цели за евроатлантска инитеграција.

- Претседателот Митрески го информираше италијанскиот амбасадор за планираните активности на Собранието на Република Северна Македонија до одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори, како и за предлог-законите кои се очекува да бидат разгледани од тековниот парламентарен состав, се наведува во соопштението.

Амбасадорот Силвестри, осврнувајќи се на традиционално добрите и пријателски односи во изминатите 30 години, информирал за организирањето на бројни активности и настани по повод јубилејот, меѓу кои е и издавањето и промоцијата на монографијата „30 години билатерални односи меѓу Италија и Северна Македонија“.

Амбасадорот му подарил еден примерок од оваа монографија на претседателот на Собранието, нагласувајќи дека во неа се содржани документи и фотографии не само од институционалната, туку и од социјалната соработка меѓу двете држави.

Тој нагласил дека Италија отсекогаш била еден од најсилните и најпринципиелни поддржувачи на евроатлантските аспирации на Република Северна Македонија, а оваа поддршка ќе продолжи и во иднина.

На крајот од средбата, соговорниците изразиле надеж за натамошно продлабочување на соработката. дма/бак/

Фото: Собрание на  Република Северна Македонија

Остани поврзан