• четврток, 26 декември 2024

Митрески - Грегоријан: Конкретна поддршка за чекорите за донесување на Националната развојна стратегија

Митрески - Грегоријан: Конкретна поддршка за чекорите за донесување на Националната развојна стратегија

Скопје, 5 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска остварил средба со Армен Грегоријан, постојан претставник на Развојната програма на Обединетите нации (УНДП) во земјава, соопштија од собраниската прес-служба.

На средбата се разговарало за понатамошно унапредување на соработката, како и за конкретна поддршка од Собранието на Република Северна Македонија за донесување и за спроведување на Националната развојна стратегија 2023 – 2043 (НРС).

Митрески ги информирал присутните дека уште оваа седмица Законодавно-правната комисија на Собранието ќе го разгледа Предлог-законот за Националната развојна стратегија, со што се поставува законска рамка за сите активности поврзани со НРС и се отвора патот за реализација на идните процеси. Потоа, истакнал Митрески, во најбрз можен рок ќе биде закажано и продолжение на пленарната седница за донесување на законот.

Тој нагласил дека очекува до крајот на мандатот на овој парламентарен состав, Собранието да ги заврши сите обврски поврзани со донесувањето на НРС и почетокот на нејзината реализација.

Честитајќи му го изборот на новата функција, стои во соопштението, Грегоријан му се заблагодарил на претседателот Митрески за досегашната соработка и за неговиот личен придонес како пратеник и координатор при креирањето на НРС и подготовката на Предлог-законот за НРС.

Грегоријан, се вели во соопштението, исто така истакнал дека и во наредниот период очекува да продолжи соработката со сите субјекти во Собранието, како и со другите инстуции на државата, со цел да се гарантира одржливост на НРС во опфатениот период од 20 години. цр/лв/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан