• среда, 25 декември 2024

Митовски и Николовски на увид во реконструкција на градските мостови во Крива Паланка

Митовски и Николовски на увид во реконструкција на градските мостови во Крива Паланка

Крива Паланка, 13 април 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска извршија увид во градежните работи за реконструкција и реновирање на т.н. "Виолетов мост", еден од вкупно петте градски мостови на Крива Река кои ќе добијат нов лик.

-Работитe на терен се во тек, денеска извршивме увид на еден од вкупно петте мостови што добиваат нов, урбан лик и ќе го променат ликот на централното градско подрачје. Инвестицијата за реконструкција на сите пет мостови е во износ над 40.000.000 денари од кои: 26.600.000 денари од Владата на Република Северна Македонија за реконструкција на: т.н."Шанин мост", познатиот "Виолетов мост" и "Осички мост", додека со 14.000.000 денари средства обезбедени преку ТАВ програмата инвестираме во реконструкција на Соларски мост и Градечки мост, така што навистина многу скоро, ќе имаме проекти кои комплетно ќе донесат нов лик на целото централно градско подрачје, рече Митовски.

Реконструкцијата опфаќа отстранување на постојната и поставување нова ограда, реновирање и реконструкција, со поставување ново осветлување.

Во Крива Паланка во тек е и проектот за реконструкција на главната улица и проширување со трета лента. Проектот е вреден 40.000.000 денари, се реализира со средства од Министерството за транспорт и врски.

Се работи интензивно на потегот од населба "Единство" до Соларски мост, каде ќе биде изграден и кружен тек кај самиот мост, додека дел од улицата ќе се прошири со трета лента за запирање и паркирање.

-Влогот во модернизација на Крива Паланка е влог во Европскиот лик на градот, рече Митовски. ид/сст/

фото Општина Крива Паланка 

 

Остани поврзан