• среда, 25 декември 2024

Митески најавува решавање на проблемот со хаварисаните возила во Општина Аеродром

Митески најавува решавање на проблемот со хаварисаните возила во Општина Аеродром

Скопје, 15 август 2024 (МИА) - В.д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески на денешната теренска посета заедно со инспекциските служби најави решавање на проблемот со хаварисаните возила што со години узурпираат јавни површини и зафаќаат паркинг-места.

Како што информира Општина Аеродром, во текот на денешната акција, согласно со законските регулативи, оставени се околу 60 опомени за отстранување на хаварисаните и нерегистрираните возила од јавните површини.

- Хаварисаните возила треба да се отстранат во рок од седум дена од добиената опомена. Во спротивно, ќе бидат дислоцирани од страна на надлежните служби на трошок на сопствениците, а во наредниот период вакви опомени ќе добијат сите хаварисани возила на ниво на целата територија на Општината, стои во соопштението.

Со оваа акција се очекува да бидат ослободени од 100 до 150 паркинг-места во Општината, што дополнително ќе придонесе за намалување на недостигот на паркиралишта.

Митески апелира до граѓаните на совесно однесување и ги потсетува дека паркирањето на вакви возила на јавни површини е забрането со закон. Хаварисаните возила, покрај тоа што ја нагрдуваат сликата за Општината, претставуваат и опасност како за граѓаните, така и за животната средина. мд/са/

Фото: Општина Аеродром 

Остани поврзан