• петок, 27 декември 2024

Митаракис: Турција и невладини организации помагаат при нелегално пристигнување на Сомалијци во Грција

Митаракис: Турција и невладини организации помагаат при нелегално пристигнување на Сомалијци во Грција
Атина, 8 декември 2020 (МИА) – Министерот за миграција и азил на Грција, Нотис Митаракис, на прес-конференција со странските дописници во Грција презентираше податоци и сведоштва, според кои, како што рече, Турција, но и одредени невладини организации, го олеснуваат нелегалното патување на сомалиски државјани од турското крајбрежје во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Рече дека од 1 ноември на Лезбос пристигнале 214 мигранти, од кои 142 биле од Сомалија, нешто што било причина властите да го истражат случајот. - Сега имаме кредибилни информации за нарачан и намерен собир на мигранти од Сомалија, од криумчари, што преку Грција ги испраќаат во Европа. Во моментов има меѓу две и три илјади мигранти на турскиот западен брег. Но, ако овие луѓе преминат, тогаш може да се очекуваат повеќе пристигнувања. Според сведоштвата, овие луѓе летаат од Могадишу до Истанбул користејќи билети и визи, платени од невладини организации, рече Митаракис, додавајќи дека пристигнувањата во Турција, во суштина се легални, но со цел, потоа, нелегално да пристигнат во Европа. Митаракис објасни дека Сомалијците, кога ќе пристигнат во Турција, на криумчарите им плаќаат од 500 до 800 евра за да стигнат до турското крајбрежје, а оттаму и до Грција, додека пак полицијата во Турција, во случај да уапси сомалиски државјанин веднаш го ослободува. Од Турција за Грција, според Митаракис, мигрантите добиваат инструкции од невладини организации. Овие тврдења, министерот за миграција и азил на Грција ги поткрепи со снимени сведоштва на Сомалијци. -Турските криумчари нè информираа дека штом ќе пристигнеме во Митилини, ќе ни помогне невладина организација што се вика „Aegean Boat Report “. Требаше да им испратиме фотографии и видеа преку „Whatsapp“ или „Facebook“, а потоа „ Aegean Boat Report “ ќе го извести УНХЦР, вели еден од Сомалијците, во видеото презентирано на денешната прес-конференција. Митаракис истакна дека овие луѓе не се во опасност во Турција и треба таму да добијат азил и додаде дека е загрижувачко тоа што „се чини дека Турција го олеснува доаѓањето на овие мигранти, со доброволно обезбедување визи за патување“. - Треба да бидеме јасни. Грција нема да биде порта кон Европа за мрежи на нелегално криумчарење, порача министерот за миграција и азил на Грција. На прес-конференцијата со странските дописници во Грција, презентираше и видео, за кое рече дека „илустрира како турската крајбрежна служба не успева да ги запре илегалните премини и дејствува агресивно против грчката крајбрежна служба, додека се обидува да ги изврши своите должности за заштита на границите на Европската унија“. Митаракис истакна дека овде не станува збор за тензија меѓу Грција и Турција, „не станува збор за геополитика, туку за нелегална трговија со луѓе во Европската унија“. ср/гт/

Остани поврзан