• четврток, 26 декември 2024

Митаракис за балканската рута на мигрантите: Грција спречува нелегални заминувања од земјата

Митаракис за балканската рута на мигрантите: Грција спречува нелегални заминувања од земјата
Атина, 26 септември 2022 (МИА) – Грција спречува нелегални заминувања од земјата и ги апси мрежите на криумчари кои нелегално пренесуваат баратели на азил кон други земји, рече министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис на денешната прес-конференција, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на балканската рута за мигрантите. Митаракис посочи дека сите земји имаат обврска да ги спречат нелегалните напуштања, а и самата Грција го прави тоа. -Грција спречува нелегални заминувања од нашата земја и повремено апси мрежи кои учествуваат во нелегално пренесување баратели на азил од Грција кон Европската унија и сметам дека сите имаме одговорност да го правиме тоа. Сите треба да спречуваме нелегални заминувања од земјата и да ги скршиме синџирите на нелегалните криумчари. Истото го прави Грција во однос на балканската рута, а полицијата систематски апси, објасни Митаракис. Министерот за миграција и азил на денешната прес-конференција повтори дека Грција има граници и не дозволува нелегален влез и истакна дека земјата „ефикасно ги брани и копнените и морските граници“. -Криумчарите континуирано се обидуваат да најдат нови начини, кога се соочуваат со проблем на една рута, бараат алтернатива и затоа наша обврска и наша цел е да ги чуваме и копнените и морските граници. Исто има случаи кога брановите се префрлаат на други региони, како на пример гледаме зголемени притисоци врз Бугарија, а и Кипар и понатаму има голем притисок, рече Митаракис. Тој додаде дека криумчарите бараат алтернативни рути, преку Италија, избегнувајќи ја Грција и објасни дека земјата од 2015 година стана влезна точка. Токму таа година, во Грција нелегално влегле 874.735 мигранти, а од почетокот на годинава, заклучно со септември, во земјата пристигнале 10.270 лица, бројка поголема од онаа во 2021 година, кога биле регистрирани 8.745 пристигнувања, што е и најмал број во последните десет години. Посочи дека во последните години повеќе баратели на азил си заминале од Грција, во споредба со оние што дошле. Според Митаракис, во овој момент во Грција има 18.587 баратели на азил, од нив 17,3 отсто се од Авганистан, 14,1 процент од Сирија, 12,3 отсто од Пакистан. За случајот со 38-те мигранти кои беа заглавени на островче во реката Еврос на копнената граница меѓу Грција и Турција, а на средината на август спасени од грчка страна, Митаракис демантираше дека постоело мртво петгодишно девојче, наспроти тврдењата од тој период. Тој објасни дека по спроведената истрага, според анализираните податоци и фотографии, дел од групата биле четири, а не пет деца и сите биле спасени.  ср/паг/

Остани поврзан