• петок, 27 декември 2024

Митаракис: Грција нема да биде влезна порта кон Европа за бегалци и мигранти од Авганистан

Митаракис: Грција нема да биде влезна порта кон Европа за бегалци и мигранти од Авганистан
Атина, 17 август 2021 (МИА) - Треба да се избегне голем мигрантски бран од Авганистан, Грција нема да биде влезна порта кон Европа за бегалци и мигранти, порача министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис во интервјуа за грчката телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина. Митаракис истакна дека потребни се заедничка европска реакција и европско решение и „не може да имаме милиони луѓе да заминат од Авганистан и да дојдат во Европската Унија преку Грција“. - Ние, од наша страна јасно кажавме дека не сакаме и не можеме да бидеме порта за влез во Европа на мигрантите и бегалците кои може ќе се обидат и ќе сакаат да дојдат во Европската Унија и затоа решението треба да биде заедничко и европско решение. Ние не можеме и не сакаме да го живееме она што го живеевме во 2015 година, рече Митаракис за ЕРТ. Во однос на тоа што Грција прави во оваа насока, надлежниот министер за миграции објасни дека се фокусирани на три точки. Првата е строго чување на границите и затоа, според Митаракис, земјата повеќе не е влезна порта на ЕУ за бегалците и мигрантите. Втората точка е одлуката на Атина од пред два месеци според која Турција е одредена како безбедна земја за оние кои доаѓаат од Авганистан и последната точка е предлог за заедничка европска реакција. - Подготвени бевме за веројатна криза во Авганистан, која на крај дојде многу побрзо од она што го очекуваа меѓународните експерти, но подготвени сме, се надеваме дека ќе успееме да не го живееме она што го живеевме во изминатите години, рече Митаракис. За последните случувања и ситуацијата во Авганистан, шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас денеска ќе учествува на вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ. Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, преку неговиот официјален Фејсбук профил за состојбата во Авганистан рече дека единствено решение е динамична регионална иницијатива на ОН. ср/ми/

Остани поврзан