• вторник, 24 декември 2024

Мисијата на ОБСЕ во Украина ги евакуира своите набљудувачи

Мисијата на ОБСЕ во Украина ги евакуира своите набљудувачи
Киев, 4 март 2022 (МИА) - Специјалната мисија за набљудување на ОБСЕ во Украина соопшти дека продолжува да ги евакуира своите набљудувачи од источниот кон западниот дел на земјата. - Мисијата продолжува да ги спроведува мерките за евакуација согласно наредбата од 24 февруари за привремена евакуација на сите членови на меѓународната мисија. На 3 март продолжи евакуацијата на набљудувачки тим од Харков, како и дислоцирање на локалните членови на мисијата, кои претходно се наоѓаа во Краматорск и Днепар. Истиот ден започна преместување на членовите на локалната мисија од Северодоњецк во западниот дел на Украина, соопшти Специјалната мисија за набљудување на ОБСЕ во Украина. - Со оглед на тековните воени дејствија, вклучително и гранатирање, извештаи за судири и динамични промени на линијата на фронтот, набљудувачкиот тим во Херсон останува во неизвесност, се вели во извештајот. „Тимот продолжува да врши динамични проценки на безбедносните ризици за да организира „прозорец“ кога е безбедно за луѓето да се евакуираат. Шефот на Специјалната мисија за набљудување заедно со највисокото раководство ќе останат во Украина до крајот на евакуацијата, соопшти организацијата. Претходно Секретаријатот на ОБСЕ соопшти дека поради воените дејствија во Украина, генералниот секретар на ОБСЕ Хелга Шмид одлучила да ги повлече набљудувачите на Специјалната мисија за набљудување од земјата. Мисијата на ОБСЕ почна со работа во Украина на 21 март 2014 година по испратено барање за тоа и се состои од околу 1.000 набљудувачи. Мисијата има канцеларии во Киев, Доњецк и Луганск. гт/

Остани поврзан