• среда, 25 декември 2024

Мисајловски: Најдлабоко сочувство кон семејствата на настраданите, одговорност мора да има

Мисајловски: Најдлабоко сочувство кон семејствата на настраданите, одговорност мора да има
Скопје, 9 септември 2021

Искажуваме најдлабоко сочувство кон семејствата на вчера настраданите наши сограѓани во пожарот во болницата во Тетово.

Нема доволно зборови за утеха за оние кои ги изгубија најблиските. Нека Господ биде со нив, им дава сила да ги поминат овие најстрашни моменти.

Глетката од Тетово е жална и трагична. Ужасна трагедија.

Искажуваме и длабока благодарност и до пожарникарите од Тетово и до медицинскиот персонал од болницата во Тетово, кои први се најдоа на местото, како и на граѓаните од Тетово кои даваа прва помош за санирање на и онака ужасните последици од овој настан.

Животите на луѓето се најскапиот дар, тие не смеат да завршат така како што завршија на повеќе наши сограѓани во Тетово.

Барајќи здравје од државата, наши сограѓани, на општа жал, најдоа ужасна смрт.

Државата, преку својот здравствен систем, од моментот на прием на пациентите во болница е одговорна за нивните животи.

Ниту еден живот не смее да згасне поради нестручност, некадарност и неодговорност при менаџирање со здравствениот систем.

ВМРО-ДПМНЕ ќе се воздржи од тешки зборови во овие денови за неспособноста на оваа Влада.

Не сакаме да внесуваме политика во најтрагичниот момент од животите за многу наши луѓе и сограѓани од Тетово и тетовско.

Но за почеток, денес и без одложување мора да има функционална и морална одговорност, народот очекува неотповиклива оставка од Венко Филипче и Зоран Заев.

Оставка затоа што народот не верува во институциите управувани од оваа власт, двајцата ќе бидат и објективна пречка за транспарентна и неутрална истрага која мора да ја има.

Народот бара извештај кој ќе е веродостоен, точен и прецизен. Народот очекува одговор каде е причината и одговорноста без влијание на моќ која што во моментот ја поседуваат Венко Филипче и Зоран Заев.

Сочувство до сите фамилии.

Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан