• петок, 27 декември 2024

Мираковски за МИА: Тешките времиња се шанса за младите за нови истражувања

Мираковски за МИА: Тешките времиња се шанса за младите за нови истражувања
Штип, 9 октомври 2022 (МИА) - Универзитетите во земјава мора да размислуваат за интернационализација, да ги прилагодуваат своите студиски програми на современите текови, вели во интервјуто за МИА, новиот ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип, Дејан Мираковски. Смета дека поблиската соработка меѓу Универзитетите и бизнис секторот мора да се регулира во интерес на студентите, од аспект на платена пракса. Неговите идеи и планови за Универзитетот „Гоце Делчев“ –Штип се да го приближи до заедницата, низ низа активности и проекти. Според него, тешките времиња се во основа и шанса за младите, кои знаат. Порача дека младите треба да ја искористат шансата, бидејќи се отвораат нови полиња за истражување и мора да имаат пооптимистички пристап, а како што вели, го имаат и духот и енергијата да се справат со секакви проблеми и кризи. Се бараат промени во функционирањето на УГД. Кои се вашите први чекори, за да се подобри работата на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип ? - Промената во функционирање и согласно Програмата и начинот на кој јас размислувам е малку поголема динамичност на функционирање на сите служби на Универзитетот. Воведување да кажам на поголема отвореност на Универзитетот кон општеството во кое функционираме. Студентите и наставниците, професорите на факултетите заедно да работат во решавањето на реалните проблеми на општеството, каде што се наоѓаме. Мислам дека Универзитетите биле секогаш важни чинители во развојот на општеството, а особено во време на криза и верувам дека оваа пракса ќе биде важна во периодот. Ние некако влегуваме од криза во криза и се надевам дека со нови идеи, со нова соработка на хуманитарна основа и на решавање на конкретни реални проблеми. Унивезитетот има голем капацитет да почнеме да работиме на многу пореални проблеми, што можат да го подобрат секојдневниот живот на граѓаните. Имате ли конкретен пример ? - Конкретни примери имаме неколку, кои во скоро време ќе се реализираат, од Правни клиники во смисла бесплатни правни услуги да добиваат одредена категорија граѓани, што не можат да си ги дозволат. Воведување специјалистички кабинети, во кои врвни експерти ќе можат да даваат услуги во нашата болница во Штип. Сето ова може да биде ефектуирано во подобри здравствени услуги за граѓаните од овој регион, кои тешко можат да ги добијат со овие цени и трошоци за патување. Граѓаните ќе имаат можност да добијат услуга од врвни доктори, кои ќе ги прегледат. Тоа се идеите на кои работиме, прилично е комплексна проблематиката. Пред нас имаме доста да сработиме, се надевам дека ќе почнеме и одредени работи, како што е Правната клиника веќе се подготвени и наскоро ќе стартува. Имаме и други идеи за соработка за општеството, од типот на креирање банки за размена на храна, до хуманитарна поддршка за поправка на компјутери. Но и во постоечките хуманитарни активности можеме да се вклучиме. Тоа е едниот сегмент од нашето делување, а вториот сегмент е да ја доближиме науката до луѓето. Работиме на идеи, што се отворен ден за наука, на пример еднаш месечно кој било граѓанин да дојде и направи одредена анализа во лабораториите. Цел спектар на науката да ја доближиме до луѓето и да им биде од корист. Се надевам дека и поголеми групи на професори ќе се вклучат на пример во финансиската едукација, подобрување на финансиската писменост, што е многу важно во овие времиња, кога имате екстремно високи камати. Идеите се на маса и во моментов поголема група на луѓе работат на нивна реализација и се надевам многу скоро ќе можеме една по една да ги реализираме. Имате план, програма за работа, како во наредните три години ќе изгледа вашето менаџирање на штипскиот Универзитет ? - Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип веќе е етаблиран постојат функционални структури, генерално секој вработен дава белег на неговото работење. Нашите вработени се обучени и се специјалисти во областа, во која работат, во речиси сите делови на функционирање на Универзитетот, од административни до лабораториски капацитети. Во овој дел ќе се обидеме да воведеме подинамичен пристап и да бидеме поблиску до корисниците на услугите, во смисла да има контакт број, на кој на едно место да се добијат информации, или да се достави барање и на истото место да се добие одговор на тоа барање, а целиот систем да го реализира. Ние сме комплексна институција, што има 15 единици, односно 12 факултети и три академии и на студентите и на граѓаните им е тешко да се снајдат. Дополнително образованието претрпе значително успорување на сите процеси, како резултат на пандемијата. Пополека тие процеси ги заживуваме и се надевам дека нема да имаме проблеми, кои ќе не спречат да имаме физички контакт со студентите. Наредно на кое ќе работиме е глобализацијата на високото образование, односно формирање на еден европски образовен простор. Ние ќе се обидеме да се интегрираме, што е можно побрзо во тој модел, во смисла на членство во одредени алијанси, признавање на дипломите, воведување нови форми на едукација, како што се специјалистички курсови. На пример, ако ви треба дополнителна обука за одредена работа, ќе има специјализација од три месеци за работење на одреден софтвер. Поради големата миграција на населението ќе се фокусираме малку и на нашите иселеници, ќе пробаме да им понудиме Програми за учење на далечина. Голем дел од иселениците се студенти, кои го прекинале образованието и заминале надвор. Ќе се обидеме да акредитираме Програми за учење на далечина, кои ќе им овозможат да си докомплетираат своето образоавие. Во контектс на ова што го говорите, пред десетина година имаше голем наплив на студенти на Универзитети во земјава, но во последните неколку  години, а тоа се гледа и низ бројките на новозапишани студенти, тој број се намалува од причина на миграцијата на населението, но и младите по добивањето на средното стручно образование, со овие дипломи заминуваат и работат во странство. Универзитетите во земјава, како се снаоѓаат со помал број на запишани студенти? - Тие времиња, на голем број студенти се зад нас. Универзитетот „Гоце Делчев“ е млад и динамичен Универзитет и нема голем товар од тој аспект. Соодноснот односно бројот на административен и наставен персонал и студенти е еден спрема 10 или 11. Ние имаме околу 6.000 до 7.000 активни студенти. Бројката кај нас е стабилна, оваа година се стабилизиравме на одредени нивоа. Мора да ги направиме програмите поатрактивни за студентите, кои можат да ги искористат во одредени скратени програми, како што споменав специјализација за одредени софтвери, одредена опрема. Јас би сакал младите да останат во земјава, бидејќи нашата држава има уште многу за градење, има голем простор за развој и се надевам дека тие млади сили ќе ги вложат тука. Интернационализацијата е многу важна за Универзитетите, односно да имаме студентите од надвор, нема добар универзитет во светот, во кој што има странски студенти, во просек над 30 проценти од студентите во реномираните европски и светски Универзитети се однадвор. Таа размена на млади луѓе е доста динамична. Бизнис секторот како забелешка има дека во одредени струки им доаѓаат студенти без практични вештини. Како ректор имате ли план, како да ги доближите студентите до практичната работа во нивната струка? - На нашиот Универзитет, на одредени факултети во тој поглед сме одлични, но има и што се многу слаби. Ако го земете на пример Медицинскиот факултет, на кој му е важна праксата, нашиот Медицински факултет има договори со речиси сите болници, пракса најдобро организирана со сите болници во државата. Студентите се движат, одат на пракса во најголемите и приватни и државни Клиники. Одредени Технички факултети имаат одлучни услови за пракса, почнувајќи од лабораториите што ги имаме, до стопанските капацитети, што се отворени да ги примаат студентите. Но, можам да кажам дека во земјава не е соодветно организирана праксата, не само од Универзитетите, туку и од бизнис секторот. Треба да имаме поголема поврзаност и ако постои меѓу двете страни ќе функционира одлично. Ние праќаме студенти на пракса во компании, во кои им е обезбеден одреден паричен надоместок и целата таа приказна може да биде солидна. Мора да има формализирање на тој систем како што е платена пракса, дозволена работа во одреден временски период, на пример студентите да работа, четири, шест или осум часа. Ова мора системски да се реши. Дали иницирате воведување на вакви решенија? - Да, универзитетите иницираат државата да воведе вакви системски решенија, што ќе овозможат подобра поврзаност, меѓу студентите и идните компании, коишто ќе ги примаат тие студенти. Конкретно на нашиот Универзитет веќе подготвуваме во информатичкиот сектор и за техничките факултети одредени мерки, што ќе овозможат доближување на студентите уште во првата фаза на студирање да работат на реални проекти за компаниите. Воведовте и студиски програми на одредени факултети на англиски јазик, колкав е интересот за овие програми? - Генерално на нашиот Универзитет имаме мал број на студиски програми на англиски јазик. На Правен и на Медицинскиот факултет имаме таква програма. Општа медицина има акредитирана програма на англиски јазик. Интерес постои за овие програми, конкретно на Општа медицина, а имаме студенти од различни држави и верувам дека допрва тоа ќе се случува, како процес, којшто ќе ни доаѓаат не само од неколку држави, туку од повеќе. Засега доминираат студенти од Турција, со тоа што најголем број од нив студираат на македонски јазик. Тие прво учат една година македонски јазик, а потоа студираат на програми, кои се на македонски јазик, а не на англиски јазик. Англиските програми се нови и на нив имаме интерес и од студентите од регионот, но и од земајва. Тоа е новина, којашто дополнително треба да се промовира. Вие сте научник, истражувач, ќе имате ли сега време да работите со своите колеги од лабораторијата АМБИКОН, која работи на сериозни проекти, истражувања. Јавноста Ве знае по тоа што и дадовте конкретни резултати при мерењето на загадувањето на воздухот во Скопје, но и конкретни решенија? - Во лабароторија АМБИКОН имаме етаблиран тим, 12 професори и вработени има во неа. Сигурен сум дека ќе продолжи да функционира, јас би сакал да бидат се уште дел од лабараторијата и сигурен сум дека ќе најдам време да ги продолжам тие активности и некако тоа ми е и навика. На што во моментов работите, што е интересно за јавноста ? - Имаме конкретни истражувања, последното беше публикувано во август и предизвика голем интерес, а тоа е анализа на честичките од амбиентниот воздух, што се лепат на кожата. Правевме една методологија, која се надевам дека сега драстично ќе ја подобриме, бидејќи во моментов активираме нова опрема во лабораторијата. Прилично сериозна инвестиција, во која сериозно се зголемуваат капацитетите на лабораторијата, пред се од нови технички решенија. Еден цел систем, што ќе ни овозможи подобро да ги реализираме анализите. Пробуваме и со евтини техники од сателитските снимки да анализираме на пример дали крововите се азбестни или не. Повеќе интересни теми и јас мислам дека лабораторијата АМБИКОН веќе е етаблирана и ќе продолжи да воведува нови интересни работи. Викторија Димитрова-Јованова

Остани поврзан