• среда, 25 декември 2024

Минчев: Укинувањето на „балансерот“ не претстaвува ризик за дестабилизација во државата

Минчев: Укинувањето на „балансерот“ не претстaвува ризик за дестабилизација во државата

Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) - „Балансерот“ беше предмет на злоупотреба. Гаранција за секое вработување на припадниците на сите етнички заедници мора да се темели на стручност, знаење и квалитет. Можноста да конкурира секој за секое работно место е уставно право, потенцира министерот за јавна администрација, Горан Минчев.

Тој вчера во емисијата „Трилинг“ на ТВ24 нагласи дека од самиот почеток како Министерство, укажувале на злоупотреба на „балансерот“.

-Ние како Министерство, од самиот почеток укажувавме на злоупотреба на „балансерот“ и нашиот став беше дека тој треба постепено во фази, како дигитална алатка, да биде укинат. Тоа го направи Уставниот суд. Гаранција за етничката припадност и нивното вработување во јавната администрација не може да биде ниедна институција, ниту било кој државен орган. Јас тука тргнувам обратно, сосема по друг пристап. Значи гаранцијата за секое вработување на припадниците на сите етнички заедници, мора да се темели на стручност, знаење и квалитет. Можноста да конкурира секој за секое работно место е уставно право, појасни Минчев.

Зборувајќи за интегрирање на државата во Европската Унија, Минчев нагласи дека државата нема друга алтернатива освен ЕУ, но потенцираше дека се неопходни гаранции дека внесувањето на бугарскиот народ во Уставот ќе биде последното барање.

-Нема сила која може да го натера македонскиот народ да каже дека постои од 1945 година. Нема сила која може да го натера македонскиот народ дека има заедничка историја со Република Бугарија. Нема Македонец кој може да прифати дека Гоце Делчев е Бугарин. Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ, но таму сакаме да влеземе како и сите други – со дигната глава, според Копенгхашките критериуми, базирани на европските начела за еднаквост и рамноправност, бидејќи досега Македонија во рамки на 30 години постоење, направи доволен број на отстапки и жртви. Потенцираше дека се неопходни гаранции од ЕУ, дека внесувањето на бугарскиот народ во Уставот ќе биде последното барање, рече Минчев.

На прашањето за можните граѓански немири, Минчев одговори дека тоа е популизам од страна на опозициската партија ДУИ.

-Тоа е еден популизам од страна на опозициската партија ДУИ. И повторно ќе се навратам, зошто немаше тензии од 2001 до 2015 година. Постоеше ли тогаш „Балансер“? Не. Ова што го прави ДУИ, кој постојано го држи општеството во тензија дека нешто ќе се случи, дека ќе се протестира, дека ќе се наруши безбедноста, го нарекувам со работен наслов „ДУИ против ДУИ“. Во рамки на Националната стратегија за реформи на јавната администрација за 2023-2030 година, ДУИ и нивните министри во тогашната Влада констатираа дека „балнсерот” се злоупотребува и донесоа одлука дека тој треба да биде укинат, рече Минчев. бт/ев/

Фото: Министерство за јавна администрација

 

Остани поврзан