• четврток, 26 декември 2024

Минчев - Жариќ-Ковачевиќ: Зајакнување на соработкатa меѓу Македонија и Србија во јавната администрација

Минчев - Жариќ-Ковачевиќ: Зајакнување на соработкатa меѓу Македонија и Србија во јавната администрација

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Министерот за јавна администрација Горан Минчев остварил средба со министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Република Србија, Јелена Жариќ-Ковачевиќ, на која разговарале за областите на соработка насочени кон унапредување на системите на јавна администрација во двете земји.

Како што соопшти Министерството за јавна администрација, на средбата биле истакнати одличните релации меѓу држави, при што двајцата министри изразиле заедничка посветеност за продлабочување на соработката во областа на владеењето и административните реформи.

Во таа насока, двете страни договориле во наредниот период да потпишат меморандум за соработка  кој ќе ја формализира размената на најдобри практики, заеднички иницијативи и споделена експертиза во јавната администрација.

-Потпишувањето на овој меморандум за соработка ќе означи ново поглавје во партнерството меѓу Република Македонија и Република Србија во областа на јавната администрација, едновремено истакнувајќи ја нашата заедничка цел, а тоа е модернизирање на јавна администрација и унапредување и зајакнување на процесите и капацитетите кои произлегуваат од неа, истакнал министерот Минчев.

Министерката Жариќ-Ковачевиќ ја потврдила оваа иницијатива, истакнувајќи ја важноста на регионалните партнерства во поттикнувањето на реформите кои ќе ја подобрат испораката на јавните услуги за граѓаните во двете земји.

-Двете министерства ќе се заложат преку редовни консултации и состаноци да работат на конкретни процеси кои ќе придонесат за ефективна имплементација на реформите во јавната администрација, а кои ќе бидат дел од меморандумот за соработка, се наведува во соопштението. хс/нд/

Фото: Министерство за јавна администрација

Остани поврзан