• вторник, 12 ноември 2024

Министрите од арапските земји бараат итен прекин на непријателствата во Газа

Министрите од арапските земји бараат итен прекин на непријателствата во Газа

Вашингтон, 8 декември 2023 (МИА) - Министрите за надворешни работи на неколку арапски земји и Турција денеска во Вашингтон повикаа на итен прекин на војната во Појасот Газа и апелираа до САД да ја поддржат резолуцијата на ОН за хуманитарен прекин на огнот, пренесе Бета.

-Нашата порака е дека веруваме дека е апсолутно неопходно веднаш да се запрат борбите, рече саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, во име на групата, повикувајќи го Советот за безбедност на ОН да усвои резолуција за хуманитарен прекин на огнот во Газа.

Тој изрази жалење што се чини дека крајот на конфликтот не е „приоритет на меѓународната заедница“.

Египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри рече дека решението е прекин на огнот, а неговиот јордански колега Ајман Сафади изрази уверување дека „приоритет број еден е да се запре агресијата“.

Тој предупреди дека Израел ќе има одврзани раце да „продолжи со масакрот“ доколку ОН не ја усвојат резолуцијата.

Делегацијата, во која членуваат министри од Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија и палестинските власти, подоцна денеска ќе биде примена од американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Саудискиот министер изрази надеж дека американските партнери ќе направат повеќе и уверување дека можат да направат повеќе за да се стави крај на конфликтот меѓу Израел и Хамас. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан