• недела, 17 ноември 2024

Министрите за одбрана на Северна Македонија и Турција потпишаа Рамковен договор за воена соработка

Министрите за одбрана на Северна Македонија и Турција потпишаа Рамковен договор за воена соработка

Скопје, 23 октомври 2024 (МИА) - Министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за национална одбрана на Република Турција, Јашар Гулер, денеска  во Истанбул потпишаа Рамковен договор за воена соработка. Како што соопшти Министерството за одбрана, договорот е потпишан  во име на владите на двете држави и врз основа на „изразената потреба за подобрување на постојните пријателски односи“.

-Целта на овој договор е да ја развие соработката меѓу двете држави на полето на воената соработка, воена обука и образование, заемното учество во вежби, мировните операции и операциите за хуманитарна помош, одбранбена индустрија, военото разузнавање, логистичката соработка, воената медицина и здравствените услуги, комуникациско информациски системи и сајбер одбрана и размена на персонал за професионален развој, се наведува во соопштението. 

Министерот Мисајловски на средбата упатил „голема благодарност за континуираната поддршка од страна на сојузничка Турција која е наш значаен партнер и пријател од нашето осамостојување и која е значаен чинител и придонесувач во модернизацијата на Армија и нејзиното опремување со нови, најсовремени средства, компатибилни со стандардите на земјите членки на НАТО“.

Во рамки на денешните активности, министерот Мисајловски остварил средба и со Халук Горгун, секретар за одбранбена индустрија на која се разговарало за интензивирање на соработката во делот на модернизација на македонската Армијата и за можностите за понатамошно проширување на билатералната воена соработка помеѓу двете пријателски држави.

За време на дводневната посетата на Република Турција, министерот Мисајловски, генералот Лафчиски и останатите членови на македонската делегација, го посетиле 4. Меѓународен саем за одбрана - SAHA EXPO 2024, каде присуствувале на церемонијалното отворање на саемот.

Министерството информира дека тие оствариле повеќе средби со претставници на компаниите од турската наменска индустрија и со други компании од сите сегменти на копнените капацитети кои би можеле да бидат од аквизициски интерес за македонската одбрана. хс/мч/

Фото: Министерство за одбрана 

Остани поврзан