Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за заем за Украина и санкции кон Русија
- Министрите за надворешни работи на ЕУ се состануваат во Брисел денеска за да разговараат за нов заем за Киев и за 20-ти пакет-санкции кон Русија поради војната во Украина.
Брисел, 23 февруари 2026 (МИА) - Министрите за надворешни работи на ЕУ се состануваат во Брисел денеска за да разговараат за нов заем за Киев и за 20-ти пакет-санкции кон Русија поради војната во Украина.
Разговорите се одржуваат еден ден пред четвртата годишнина од целосната инвазија на Русија на 24 февруари 2022 година.
Заемот од 90 милијарди евра (106 милијарди долари) првично беше договорен во декември и беше одобрен од Европскиот парламент.
Финансирањето е наменето за задоволување на финансиските потреби на украинската влада до крајот на 2027 година овозможувајќи ѝ понатамошен отпор кон Москва.
Сепак, унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, во петокот објави дека Будимпешта ќе го блокира заемот доколку не продолжи извозот на руска нафта во Унгарија преку нафтоводот „Дружба“.
Украински извори велат дека протокот на нафта е прекинат поради руското бомбардирање од крајот на јануари. Унгарија и Словачка, кои исто така продолжуваат да добиваат руска нафта преку гасоводот, го обвинуваат украинското раководство дека намерно го спречуваат продолжувањето на испораките.
Дискусиите, веројатно, ќе се фокусираат и на 20-тиот пакет-санкции врз Русија, вклучувајќи ја и забраната за поморски услуги поврзани со извозот на руска сурова нафта.
Заедно со мерките насочени кон извозот на фосилни горива од Русија, Европската комисија предложи и дополнителни финансиски ограничувања за дополнително ограничување на способноста на Русија да врши меѓународни плаќања за финансирање на економски активности.
На состанокот ќе се разговара и за војната во Газа и за контроверзниот Одбор за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Еден комесар на ЕУ учествуваше во улога на набљудувач на првиот состанок на советот минатата недела предизвикувајќи критики од Франција.
Покрај тоа, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат и за ескалацијата на кризата во Иран и ситуацијата во Сирија. мс/јт/