• недела, 24 ноември 2024

Министрите за внатрешни работи на ЕУ постигнаа напредок во усогласување на мерките за справување со миграциски кризи

Министрите за внатрешни работи на ЕУ постигнаа напредок во усогласување на мерките за справување со миграциски кризи

Брисел, 21 јули 2023 (МИА) - Министрите за внатрешни работи на ЕУ направија чекор напред кон усогласувањето на Пактот за миграција и азил на Унијата, постигнувајќи напредок во прецизирањето на мерките насочени кон ефикасно справување со вонредни миграциски кризи, информира шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка.

- Се надеваме дека пред крајот на овој месец ќе го имаме ставот на Советот на ЕУ и ќе можеме да ги започнеме и преговорите за регулативата за кризи. Работиме на тоа и тоа е наш приоритет, изјави Гранде-Марласка на дводневниот неформален состанок на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите членки на ЕУ, што вчера и денеска се одржува во шпанскиот град Логроњо.

Тој информира дека министирите разговарале за потребата од унапредување на Регулативата за управување со кризи, како дел од Пактот за миграција и азил, што шпанското претседателство има за цел да биде донесен пред изборите за новиот состав на Европскиот парламент следниот јуни.

- Имаме консензус дека мора да дејствуваме на економските текови кои го потхрануваат организираниот криминал, за да се прекине неговата активност, додаде Гранде-Марласка.

На зедничката прес-конференција со Гранде-Марласка, европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон апелираше на отворен пристап во усогласувањето на документот.

- Да не западнеме во брзање и итност поради густиот распоред, но и да не застанеме ниту една минута за да договориме пакт, кој ќе биде неопходен и суштински, додаде Јохансон.

На средбата во Логроњо станало збор и за промовирање на мерки со кои би се избегнале кризи и загуби на животи на мигрантските рути.

Покрај за проблемот со миграцијата, министрите разговарале и за зајакнување на меѓународната соработка во борбата против шверцот на дрога, безбедноста во дигиталната сфера, безбедносниот дијалог со земјите од Латинска Америка, како и за влијанието на ситуацијата во Украина врз европската сигурност, при што е повторена посветеноста и солидарноста на земјите членки и на ЕУ со Киев и украинскиот народ.

Во тој контекст еврокомесарката Јохансон најави дека ќе предложи продолжување на Директивата за привремена заштита, што важи за бегалците од Украина, до март 2025 година. сп/

Фото: ЕУ

Остани поврзан