• сабота, 23 ноември 2024

Министерство за правда: Правосудните реформи не се само национален приоритет, туку и дел од нашата евроинтеграција

Министерство за правда: Правосудните реформи не се само национален приоритет, туку и дел од нашата евроинтеграција

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Нашата иднина треба да се темели на  градењето на силно, независно и модерно правосудство кое ќе ги исполни очекувањата на нашите граѓани и ќе биде во чекор со европските вредности. Владеењето на правото е основниот столб врз кој се потпира секое модерно општество, а реформите се предуслов за градење на доверба меѓу граѓаните и институциите, велат од Министерството за правда, по повод  25 Октомври - Европски ден на правдата.

Во честитката од Министерството посочуваат дека во изминатиот период сме сведоци на потребата од сериозни промени во правосудниот систем кои, како што наведуваат, се едни од главните предуслови за напредок во европските процеси. Оттаму нагласуават дека Европската Унија е јасна - нема компромис кога станува збор за правдата.

- Ние, не можеме да очекуваме економски просперитет, социјална кохезија и стабилност без правичен и независен судски систем. Секако, реформите во правосудството не значат само менување на закони. Тие вклучуваат и промена на културата на работење на правосудните институции. Потребно е постојано едуцирање на судиите и обвинителите, воведување нови технологии за подобра ефикасност, но и зајакнување на механизмите за контрола и отчетност, стои во честитката на МП.

Дополнуваат дека овие реформи не се само национален приоритет, туку се и дел од нашата евроинтеграција.

Дваесет и петти октомври е Европски ден на граѓанската правда, кој секоја година се одбележува во европските држави. Целта на неговото одбележување во сите европски држави е правдата да се доближи до граѓаните и тие да бидат запознаени со нејзиното спроведување.ар/са/

Фото: Министерство за правда 

 

Остани поврзан