• петок, 27 декември 2024

Министерство за култура: Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид

Министерство за култура: Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид

Скопје, 20 февруари 2024 (МИА) – Владата денеска го утврди Предлог на закон за измени и дополнувања на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за  културно наследство од особено значање со кој се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид.

Како што информираат од Министерството за култура, со Предлог-законот кој Владата го утврди на денешната седница се предлага заострување на режимот на заштита на споменичката целина на Старото градско јадро согласно препораките и Одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план (2020-2029).

Најзначајна измена предвидена со Предлог-законот е дека  до донесување на новите детални урбанистички планови усогласени со режимот на заштита утврден во овој закон, не ќе може во Старото градско јадро на Охрид да се градат нови објекти, доградби и надградби.

- Со тоа ќе се поттикнат надлежните органи да извршат ажурирање на геодетските подлоги за 19 урбани комплекси и да донесат нови детални урбанистички планови во кои ќе бидат вградени заштитно-кознерваторски основи со детално разработен режим на заштита согласно овој закон и согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, со Акциски план (2020-2029), стои во соопштението од Министерството за култура.

Дополнуваат дека Предлог-законот содржи одредби за специфичен режим на заштита на Старото градско јадро на Охрид и на неговата контактна зона, чија цел е да спречат дејства, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување, неповратно видоизменување, уништување или деградирање на споменичната целина.

Старото градско јадро на Охрид е составен дел од доброто заштитено како „Охридско природно и културно-историско подрачје од 1978 година, како и од „Природно и културно наследство на Охридскиот Регион“, впишано на Листата на светско наследство на УНЕСКО во 1979/80 година. ар/нд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан