• среда, 18 декември 2024

Министерство за култура: Предлог законот за македонски јазик час поскоро да се изгласа во Собранието

Министерство за култура: Предлог законот за македонски јазик час поскоро да се изгласа во Собранието

Скопје, 28 декември 2023 (МИА) - Претседателот на Комисијата за култура да закаже седница за Предлог законот за македонски јазик, час поскоро да се стави на дневен ред, да оди на амандманска расправа и да се изгласа, апелираа од Министерството за култура на денешниот последен брифинг со новинарите за оваа година.

Од Министерството посочуваат дека Законот се подготвувал долго време. Како што информираат, со законот ќе стане задолжително присуството на лектор во секоја јавна институција. Нема повеќе да излегуваат текстови во јавност кои не се лекторирани, а втора најголема придобивка со законот е основањето на Инспекторатот за македонски јазик.

Од овој закон ќе произлезат одредени измени во Законот за основно, средно и високо образование. Со овој закон ќе продолжи стипендирање на студентите, ќе се даде поголема поддршка за македонската литература, како и за Институтот за македонски јазик. Инаку, Законот за македонски јазик не е променет уште од 1998 година.

Во однос на Националната стратегија за култура, од Министерството брифираат дека таа веќе е пратена во Собрание, Комисијата ќе треба повторно да се состане и да се расправа за тој документ.

Исто така, во тек е работата и на нов Закон за заштита на културно наследство. Во врска со овој Закон, ќе има јавна расправа до крајот на јануари каде што ќе се соберат првичните забелешки.

Од Министерството информираат дека за следната година од буџетот се издвоени 4,2 милијарди денари за културата. бт/нд/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан