• петок, 13 февруари 2026

Министерството за здравство: Пушењето најголем ризик-фактор за рак на белите дробови

Министерството за здравство: Пушењето најголем ризик-фактор за рак на белите дробови

Скопје, 4 февруари 2026 (МИА) - По повод 4 Февруари - Светскиот ден за борба против ракот, Министерството за здравство (МЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) потсетуваат дека пушењето претставува ризик-фактор за малигни заболувања, а особено за рак на белите дробови. Токму според податоците на ИЈЗ, водечка причина за смрт во државата во 2023 и 2024 година се малигните неоплазми на бронхите и на белите дробови.
 
- Употребата на тутун е водечка причина за рак, кој може да се спречи. Статистичките податоци покажуваат дека вкупниот број на починати лица од малигни неоплазми на бронхите и на белите дробови во 2024 година изнесува 860, од кои бројот на мажи е поголем во однос на бројот на жени. Откажувањето од пушење значително ги продолжува животниот век и квалитетот на животот и токму на Светскиот ден за борба против ракот уште еднаш апелираме на важноста од донесување на новиот предлог-закон за заштита од пушење, со цел заштита на здравјето на сите граѓани - појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
 
Покрај употребата на тутун, други ризик-фактори за малигни заболувања се и прекумерна дебелина, употреба на алкохол, недоволна физичка активност, неправилна исхрана.
 
Според податоците од Институтот за јавно здравје, вкупниот број починати лица од малигни неоплазми во 2024 година изнесува 3.958, од кои 2.325 се мажи, а 1.633 жени. Во истата година бројот на починати од неоплазми на возраст над 65 години е речиси двојно поголем од бројот на починати до 64-годишна возраст. вј/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан