• недела, 17 ноември 2024

Министерството за финансии продолжува со јавните дебати за даночните реформи

Министерството за финансии продолжува со јавните дебати за даночните реформи
Скопје, 15 август 2022 (МИА) - Во Министерството за финансии денеска продолжи јавната дебата за концептот на даночни реформи. По презентациите на даночните реформи пред претставниците на коморите и пред медиумите, денеска тие беа преставени пред невладиниот сектор, консултантските и ревизорските друштва и организации. Министерот за финансии Фатмир Бесими, како што соопшти ресорното Министерство, посочи дека станува збор за Нацрт верзија која ќе биде дефинирана откако ќе заврши јавната дебата со сите чинители во општеството. - Ова е потребно за даночната реформа да биде одржлива. Даночната реформа не е решение кое треба да се гледа како потреба да се обезбедат повеќе средства во буџетот, туку реформа која значи постигнување одржлив економски раст. Затоа и таа следи откако претходно со нов Закон за буџети се дефинираа фискални правила за начинот на кој ќе се трошат средствата на граѓаните, истакна Бесими, додавајќи дека потребата од спроведување на ваква реформа произлегува и од фактот што земјава има едно од најниските нивоа на учество на приходите од даноци и придонеси во БДП во споредба со земјите од ЕУ. Како и на досега одржаните состаноци, Бесими нагласи дека се уште нема конечни решенија и дека нема да има зголемување на даноците. - Концептот на даночната реформа се однесува на зголемување на опфатот на приходите кои се предмет на оданочување, преку преиспитување на преференцијалниот третман на одредени категории на извори на приходи, инвестиции и категории на деловни субјекти, како и преку воведување повеќе обврзници во системот на оданочување преку намалување на неформалната економија, посочи Бесими. Јавната дебата за даночната реформа почна на почетокот на овој месец и таа ќе трае до средината на септември, по што се очекува да се излезе со предлог законски решенија. Покрај организираните јавни дебати, забелешки за концептот на даночна реформа може да испратат и на посебно креираниот линк на веб страната на Министерството за финансии. Реформата е планирано да се спроведува етапно во периодот од 2023 до 2025 година. - Концептот на даночни реформи се темели на петте приоритети дефинирани во Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025) кои се однесуваат на поголема праведност во оданочувањето; поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите; зголемена даночна транспарентност; подобар квалитет на услугите, и афирмирање на еколошка даночна политика, информираат од Министерството за финансии. бак/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан