• сабота, 11 април 2026

Министерството за спорт додели парични награди за победниците во одбојкарскиот Куп

Министерството за спорт додели парични награди за победниците во одбојкарскиот Куп

Скопје, 4 април 2026

Министерството за спорт додели парични награди за двете најдобри екипи на 33.издание на Купот на ОФМ 2026, во женска и во машка конкуренција – Вардар ЕМ и Штип УГД. За освоените титули и промоција на спортот и спортските вредности ОК Штип УГД ќе добие 1.000.000 денара, а ЖОК Вардар ЕМ 500.000 денари.

Ова го соопшти министерот за спорт Борко Ристовски на денешниот прием на освојувачите на одбојкарскиот Куп во Министерството за спорт на кој присуствуваше и потпретседателот и член на Извршниот одбор на ОФМ, Кирил Калеников

-Упатувам искрени честитки за победниците во Купот на ОФМ 2026 за освоените титули и за прикажаната игра. Завршницата на Купот беше уште една убава промоција на одбојката и показател за напредокот што се случува, особено во женската одбојка. Министерството за спорт на освојувачите на Купот им додели парични награди од 1.000.000 денари за победникот во машка и 500.000 денари за победникот во женска конкуренција. Ова е наш мал придонес за сѐ она што го правите и награда за вложениот труд, да знаете дека тоа вие што го правите некој го гледа и го вреднува. Се надевам дека одбојката во Македонија во иднина ќе бележи уште поголеми успеси и уште поголема популарност– изјави Ристовски.

Министерот Ристовски нагласи дека ова ќе биде практика на Министерството за спорт и во иднина.

-Ќе настојуваме ова да биде практика и за иднина, да им честитаме и да им оддадеме признание на сите што ќе направат успех. Министерството за спорт секогаш ќе ги вреднува резултатите и ќе ја поддржува промоцијата на спортот и на спортските вредности – истакна Ристовски.

Претставникот на ОФМ, Кирил Калеников ја потенмцираше добрата соработка со Министретсвото за спорт и заедничката заложба да се подигне популарноста на одбојката во Македонија.

-Направивме еден одличен Куп, тоа беше навистина настан на ниво, салата беше полна во сите три дена на завршниот турнир, направивме еден европски пренос. Наша работа како федерација, во соработа и со поддршка од Министерството за спорт ќе биде континуирано да ја подигаме популарноста на одбојката.Со одредени активности, организација и реорганизација на некои идни натпревари, ќе

се обидеме да допреме до што поголема публика. Тоа е целта бидејќи одбојката и спортот се игра за публиката – потенцираше Калеников.

На завршниот турнир од Купот на ОФМ 2026, одбојкарките на Вардар ЕМ приредија вистинска сензација во својот деби настап во завршницата на Купот и стигнаа до победничкиот пехар откако во полуфиналето ги победија Газели Волеј, а потоа во финалето беа поуспешни и од бранителот на титулата Наковски Волеј.

Во машка конкуренција, Штип УГД ја продолжи доминацијата и стигна до третиот Куп трофеј во низа со победата во финалето против Борец, откако претходно во полуфиналната пресметка ја елиминираа Струмица 47&72.

Да не беше поддршката од Министерството за спорт немаше да ги постигнеме овие успеси на кои се радуваме денес, истакнаа претставниците на двата одбојкарски клуба – ЖОК Вардар ЕМ и ОК Штип УГД, освојувачи на победничкиот пехар на годинашното 33.издание на Купот на ОФМ на денешната средба со министерот за спорт Борко Ристовски.

За освоените титули и промоција на спортот и спортските вредности, Министерството за спорт ги награди двете најдобри екипи во одбојкарскиот куп со парични награди – 500.000 денари за ЖОК Вардар ЕМ и 1.000.000 денари за ОК Штип УГД.

-Се заблагодарувам во име на екипата на Вардар ЕМ. За нас ова е навистина прво вакво искуство. Направивме голем подвиг со освојувањето на титулата во Купот, за некои можеби очекувано, за некои не. Но, да не беше поддршката од Министерството за спорт, од Одбојкарската федерација на Македонија, мислам дека немаше да дојдеме до ова до кое дојдовме денес. Ви благодариме од срце – рече Емилија Јанчиќ, тренер и координатор на ЖОК Вардар ЕМ, екипата која годинашниот деби настап во Купот го круниса со титула.

Благодарност за поддршката, за вреднувањето на успехот, но и за заложбата да се популаризира одбојката, упати и претставникот на ОК Штип УГД, екипата која три години по ред е доминантна во одбојкарскиот Куп во машка конкуренција.

-Женската одбојка бележи голем подем, оди нагоре, машката одбојка мора да ја подигнеме повисоко од она ниво што било порано и се надевам дека со овие успеси ќе придонесеме за тоа. Во Штип има голем интерес за одбојката, во градот одбојката ни е веќе прв спорт и тоа е голем успех за мене лично, за раководството на клубот, за сите одбојкари и за сите наши деца што се во овој спорт. Упатувам голема багодарност за поддршката што ја имаме од Министерството за спорт, благодарност до министерот Борко Ристовски и до Одбојкарската федерација. Се надевам дека во иднина ќе имаме уште поголеми успеси – рече Ванче Санев, претседател на Штип УГД.

Министерот Борко Ристовски на денешната средба со освојувачите на титулата во Купот на ОФМ, им го честиташе успехот и нагласи дека Министерството за спорт секогаш ќе ги вреднува резултатите, ќе ја поддржува промоцијата на спортот и на спортските вредности и во иднина ќе продолжи практиката да им се оддава признание на сите што ќе направат успех.

Министерство за спорт

Фото: Министерство за спорт

Остани поврзан