• среда, 18 декември 2024

Министерството за правда на САД и 30 сојузни држави започнаа антимонополска постапка против Live Nation и Ticketmaster

Министерството за правда на САД и 30 сојузни држави започнаа антимонополска постапка против Live Nation и Ticketmaster

Вашингтон, 23 мај 2024 (МИА) - Министерството за правда на САД денеска започна обемна антимонополска постапка против компанијата за продажба на концертни билети Ticketmaster и нејзиниот сопственик, компанијата Live Nation Entertainment, обвинувајќи ги за незаконски монопол врз продажбата на билети за концерти во Америка, што довело до задушување на конкуренцијата и зголемување на цените на билетите за живи настапи на уметници, јавуваат американските медиуми.

Во постапката, чија цел е разбивање на концертниот гигант Live Nation Entertainment, учествуваат и 30 американски сојузни држави, пренесува Еј-Би-Си.

Барањето е поднесено до федералниот суд на Менхетен и во него се бара разбивање на монополот кој, како што се наведува, ги истиснува помалите промотери од концертниот бизнис, им штети на уметниците и ги оптоварува купувачите на билети со бескрајни дополнителни трошоци.

Во поднесокот од 128 страници, се прецизира дека Live Nation незаконски ја задушува конкуренцијата и ценовно ги оптоварува купувачите на билети – делумно преку својата сопственост над Ticketmaster, што ефективно им дава контрола врз огромен дел од концертниот пазар, пишува Си-Би-Ес.

- Време е љубителите на концерти и уметниците да престанат да ја плаќаат цената за монополот на Live Nation, изјави денеска американскиот државен обвинител Мерик Гарланд. - Време е во забавната индустрија повторно да се воспостават конкуренција и иновации. Време е да се разбијат Live Nation и Ticketmaster. Американскиот народ е подготвен за тоа, истакна тој.

Министерството ја обвини компанијата Live Nation за низа тактики, вклучувајќи закани и одмазди, кои, според Гарланд, му овозможиле на овој гигант во концертната индустрија да „ја задуши конкуренцијата“ држејќи под контрола буквално секој аспект од оваа индустрија – од промоција до продажба на билети, а последиците за потрошувачите се видливи во „бескрајниот список трошоци“ кои се додаваат на цената на билетот.

Рок групата Pearl Jam уште во 1992 година влезе во конфликт со Ticketmaster и го пријави на Министерството за правда на САД, тврдејќи дека ја користи својата позиција во индустријата за да изврши притисок врз промоторите и да спречи организирање концерти на бендот, затоа што токму тие се побунија против ценовната шема на Ticketmaster. Pearl Jam тврдеше дека таа компанија има монопол врз дистрибуцијата на билети, поради врските со разни концертни сали.

Ticketmaster беше тужен и од конкурентната фирма StubHub.

Кога Live Nation во 2010 година го купи Ticketmaster и создаде нова, мултинационална компанија Live Nation International, следеа нови тужби од конкуренти како eBay и бројни протести од уметници и нивните фанови поради надуваните цени на билетите за концерти, условувањето дека препродажбата на билети може да се врши само преку платформите на Ticketmaster и предизвикување вештачки недостиг на билети.

Поради ваквото однесување, во последните неколку години жестоко негодуваа фановите на Брус Спрингстин, Тејлор Свифт и групата The Cure.

Тејлор Свифт се судри со Ticketmaster пред неколку години, а во ноември минатата година бесно коментираше на Инстаграм за маките на своите фанови кои со часови безуспешно се обидуваа да купат билети за нејзината нова турнеја.

Светските медиуми минатата недела пишуваа дека билетите за концертите на Тејлор Свифт во Европа се поевтини отколку во САД и дека на Американците им е поисплатливо да патуваат преку океанот за да ја видат, отколку да плаќаат билети во сопствената земја.

Во Минесота, за да се спречат неправедните практики на Live Nation и Ticketmaster, овој месец беше донесен закон, неофицијално наречен „Законот на Тејлор Свифт“.

За време на својата американска турнеја во пролетта 2023 година, лидерот на британската рок група The Cure, Роберт Смит, се судри со Ticketmaster, бидејќи сакаше билетите за концертите на неговиот бенд да се продаваат по популарни цени.

Меѓутоа, кога купувачите му пријавија дека најевтините билети од дваесетина долари биле пуштени во продажба по повеќе од двојно повисока цена, поради разни дополнителни трошоци на основната цена, Смит се налути, па Ticketmaster одлучи да им ја врати разликата на купувачите, а таа вест стана сензација. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан