• четврток, 26 декември 2024

Министерството за култура објави Водич за аплицирање на годишните конкурси за проекти од национален интерес

Министерството за култура објави Водич за аплицирање на годишните конкурси за проекти од национален интерес

Скопје, 21 октомври 2023 (МИА) - Водич за аплицирање на годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2024 година, објави Министерството за култура.

Како што информира Министерството, на конкурсите за 2024 година ќе се поддржат проекти кои се во функција на развој, промоција и афирмација на културата, а главните приоритети за секоја дејност или област остануваат исти: квалитет, иновативност, креативност. 

И оваа година електронското пријавување целосно се спроведува преку Националниот портал за е-услуги.

Конкурсот е во тек, а рокот за аплицирање на годишните конкурси истекува на 6.11.2023 во 12 часот.

-За таа, цел како потсетник за аплицирањето и олеснување на постапката за електронско пријавување, подготвивме Водич кој се состои од: презентација и видео-анимација кои на граѓаните ќе им ја олеснат постапката со објаснување на чекорите како полесно електронски да се пријават во системот. Постапката за аплицирање на Годишните конкурси е: пристапување до Системот за единствена најава (СЕН) https://uslugi.gov.mk преку линкот „Најави се“, надградба на кориснички профил (https://etu.uslugi.gov.mk/pages/home), проверка дали е надограден корисничкиот профил, избор на правно или физичко лице и избор на дејноста (се одбира област за аплицирање со внимание дали е за правно или за физичко лице и внесување на податоците што се бараат, односно пополнувате на апликацијата). Откако ќе се внесат податоците, се клика на копчето „Поднеси“. Ја проверувате апликацијата што ви ја составил системот и ја поднесувате пријавата. Потоа ви се појавува целосната пријава за годишниот конкурс и откако ќе стиснете „Потврди“ ве носи на следниот чекор, прикачување документи. За успешно аплицирање откако ќе ги прикачите документите притиснете „Поднеси документи“ за што ќе добиете потврда, наведува Министерството.

Помош во делот за пријавите, од стручен аспект, корисниците може да побараат во секторите во Министерството за култура. Контактите со конкретни лица по области и нивните е-адреси се објавени на веб-страницата на Министерството за култура (kultura.gov.mk). мч/дма/

фото: МИА архива

Остани поврзан