• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Министерството за култура и Скопскиот универзитет ќе соработуваат во делот на креативните индустрии

Министерството за култура и Скопскиот универзитет ќе соработуваат во делот на креативните индустрии

Скопје, 14 април 2025 (МИА) – Министерството за култура и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска потпишаа меморандум за соработка со што ќе се отпочне со мапирање на креативните индустрии, идентификација на млади и трансфер на знаење кое ќе биде во корист на двете страни. 

Меморандумот го потпишаа министерот за култура и туризам Зоран Љутков и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Биљана Ангелова. 

— На иницијативата на Министерството и Институтот за социолошко и правно-политички истражувања, започнуваме едно истражување во кое што Институтот за социолошко и правно-политички истражување има долгогодишно искуство. Тоа е делот на креативните индустрии. Практично, со ова истражување, почнуваме со мапирање на креативните индустрии, идентификација на млади, талентирани кадри, како трансфер на знаење и обуки кои ќе бидат од корист за двете страни. Со овој проект покажуваме дека е можна синергијата меѓу културата, образованието и науката, нагласи ректорката Ангелова.

Креативните индустрии, како што посочи Ангелова, стануваат значаен економски сектор, бидејќи иницираат самовработување и овозможуваат отворање на нови работни места. 

— Денес креативните индустрии стануваат многу значаен економски сектор со самото тоа што иницираат на самовработување, со самото тоа што овозможуваат отворање на нови работни места, а ние токму со оваа соработка ги помагаме во креирањето на политиките коишто се однесуваат на креативните индустрии и во пренесувањето на знаењето на ова поле, додаде Ангелова. 

Потпишувањето на овој меморандум, според министерот Љутков, е заедничка определба со цел да се поврзат културата и образованието како носители на иднината на секое општество, како на теоретско, така и на практично ниво. 

— Со овој меморандум ние создаваме и рамка за заедничка соработка на повеќе нивоа, изработката на стратешки документи, политики за развој, како што спомна и ректорката, една од нашите најважни гранки во културата, тоа се креативните индустрии и вклучување на студентите во практична работа во институциите од културата. На овој начин отвараме и можност за нови истражувања, размена на искуства, како и реализација на заеднички проекти. Воедно сакам да нагласам и дека овој документ е дел од нашата поширока стратегија за професионализација на културниот и туристичкиот сектор и зголемена вклученост на младите во културните процеси. Верувам дека ова партнерство ќе даде и конкретни резултати, а потпишувањето на овој меморандум ќе биде и почеток на една нова и значајна етапа во развојот на културната и образовната политика во Македонија, посочи Љутков. ра/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан