• среда, 25 декември 2024

Министерството за здравство на Грција изработи акциски план за вирусот Западен Нил

Министерството за здравство на Грција изработи акциски план за вирусот Западен Нил

Атина, 27 март 2024 (МИА)  – Со цел стандардизирано спроведување на активности за управување и намалување на опасноста од пренесување на вирусот, Министерството за здравство на Грција изработи интегриран акциски план за заштита од вирусот Западен Нил, јави дописничката на МИА од Атина. 

Како што соопштија од Министерството за здравство на Грција, примарна цел на планот е поддршка и подготовка на надлежните тела, со систематско и итно спроведување на активности за спречување и контрола на сезонските епидемии на вирусот во земјата.

-Со оглед на промената на климата во нашата земја и можноста за интензивни временски појави во иднина, како што се големи поплави и благи температури во текот на зимата, сеопфатното справување со комарците – носители на вирусот на целата територија станува уште поитно. Нивното управување мора да се заснова на систематски и детален ентомолошки надзор, вклучувајќи мониторинг и мапирање на популациите на комарци и проверка за присуство на вирусот во нив, соопштија од Министерството за здравство на Грција.

Во акцискиот план детално се опишани и потребните активности според нивото на ризик од вирусот во секој регион, со што на надлежните им се овозможува да дејствуваат ефикасно во спречување на ширењето на вирусот.

Во Грција вирусот Западен Нил бил регистриран во периодот од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до 2023 година во различни региони

Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51. 

Лани, биле регистрирани 162 случаи, а од Западен Нил починале 23 лица. ср/

Остани поврзан