• вторник, 26 ноември 2024

Министерството за животна средина на Грција подготвува план за справување со недостигот на вода на островите

Министерството за животна средина на Грција подготвува план за справување со недостигот на вода на островите

Атина, 25 јули 2024 (МИА) – Пакет мерки за справување со недостигот на вода, за енергијата и „зазеленувањето“ на грчките острови планира Министерството за животна средина и енергетика на Грција за што се обезбедени средства од 200 милиони евра од Фондот за декарбонизација, пишува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Планот, според весникот, е фокусиран на решавање на проблемот со недостиг на вода на островите, бидејќи браните пресушуваат поради недостиг на дожд, а онаму каде што постои систем за десалинизација на морската вода, не е во состојба да ги задоволи сè поголемите потреби за снабдување со вода и наводнување.

Надлежниот министер Тодорос Скилакакис објаснил дека планот вклучува „изградба на хибридни проекти, делумно за водоснабдување и делумно за енергија“ и всушност станува збор за комбинација на проекти со обновливи извори на енергија, а приоритет ќе бидат Кикладските острови.

-Министерот го опишува проектот на следниот начин: Ќе треба да се постави мал резервоар за вода на одредена надморска височина, веднаш до фабриката за десалинизација на морската вода. Еден помал ќе треба да се постави на пониско ниво на копно, нешто што морфолошки е тешко, па затоа се разгледува можноста за поставување во море. Во овој случај, ќе треба да се стави еден пловечки резервоар или неколку мали во морето. Од горниот резервоар ќе се спушта надолу блага вода од десалинизацијата, а во исто време кога водата циркулира се произведува електрична енергија која се складира за да функционира процесот на десалинизација, пишува „Катимерини“.

Додава дека иако планот на Министерството за животна средина и енергетика на Грција е во рана фаза, се очекува брзо да се развие поради големите потреби на островите за вода.

Според весникот, на островите во Егејското Море функционираат вкупно 57 единици за десалинизација, а на Кикладските острови, 51 отсто од населението пие вода од овие единици. ср/

Остани поврзан