• четврток, 26 декември 2024

Министерството за животна средина и просторно планирање пристапи кон измени и дополнувања на Законот за водите

Министерството за животна средина и просторно планирање пристапи кон измени и дополнувања на Законот за водите
Скопје, 2 март 2022 (МИА) – Заради полесно и поефикасно спроведување на одредбите во законот, дополнување на постапките за издавање на дозволите за користење на водно право, промена на постапката за заштита и подобрување на режимот на водите со вадење на песок, чакал и камен од коритата и бреговите на површинските водни тела и обезбедување на поголема транспарентност на постапката за доделување на концесии за користење на вода, Министерството за животна средина и просторно планирање пристапи кон измени и дополнувања на Законот за водите. На денешната јавна расправа во врска со Нацрт-законот за водите, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, истакна дека со овој закон очекуваат да се постигне јасно и прецизно дефинирани постапки за издавање на дозволи и концесии кои ќе придонесат за јасно дефинирани услови во дозволата и концесиите, што се во насока на заштита и користењето на водните ресурси во државата. - Воведување на дозвола, согласност за уредување и регулации на коритата и бреговите и површинските водни тела, која е замена за дозволата за вадење на песок, чакал и камен, со што ќе се овозможи заштита и подобрување на живот на водите. Дефинирање на критериумите кој може да добие дозвола, како и во кој случај, што ќе придонесе кон намалување на искористување на материјалот кој се вади од бреговите и коритата на водните тела, кое, секако, е во насока на заштита на водните тела, рече Нуредини. Дополни дека се очекува дефинирање на еколошкиот проток, што, како што посочи, ќе овозможи одржување на минимумот кој е потребен за квалитетот и квантитетот на водните тела и за одржување на еко-системот во водните тела. - Воспоставување на целосна контрола над вадењето на песок, чакал и камен од коритата и бреговите на водотеците и акумулациите со што ќе се спречат евентуалните злоупотреби а ќе се обезбеди пораст на приходите на општините, сподели тој. Како што информираа од министерството, измените во законот произлегле од досегашната работа по спроведените инспекциски надзори и извештаите кои ги доставуваат надлежните, како и на барање на невладиниот сектор. Предложени се измени во делот на користење вода од подземни водни тела за наводнување на 1 л/с во насока на прецизирање на документацијата која ја доставуваат земјоделците за да обезбедат позитивно мислење за користење на вода без спроведување на постапка за обезбедување на дозвола. Во насока на обезбедување поголема транспарентност на постапките за доделување концесии за користење на вода, како и обезбедување на документи врз основа на кои ќе може да се процени одржливоста на концесијата, предвидени се одредени измени пред доставувањето на образложен предлог за започнување на концесија, да се спроведе јавна расправа во однос на визибилити студија за доделување на концесија за користење на вода. Предложено е намалување на концесискиот период кај концесиите за користење вода за производство на електрична енергија, на 35 и 20 години, соодветно на досега спроведените концесии, при што, за електрани со можност до 10 MW, концесискиот период ќе биде 20 години, за електрани со моќност над 10mW концесискиот период ќе биде 35 години. Значителни измени се предложени во делот на одредбите кои се однесуваат на издавање дозволи за вадење песок, чакал и камен заради подобрување на режимот на водите. Во одредбите за технички стандарди за изведување, управување и одржување на водостопански објекти и постројки, додадена е одредба во однос на рибјите патеки, треба да се постават и одржуваат во исправна состојба, согласно најдобрите достапни практики или техники. Во делот со надоместоците, надоместокот за користење на вода за производство на електрична енергија се плаќа во висина од еден процент од продажната цена на KWh електрична енергија, надоместокот што се плаќа при флаширање на вода за комерцијални потреби изнесува два проценти од утврдената цена на водата во јавен водоснабдителен систем, надоместок за користење на вода за одгледување на риби во висина од еден процент од цената на килограм продадена риба. За сите видови надоместоци воведена е обврска еднаш годишно во периодот од 1 до 31 март во тековната година за претходната година да се достават податоци за пресметани и уплатени надоместоци за претходната година По претставувањето на предлог-измените, јавната расправа продолжи со дискусија на која присутните дискутираа околу предизвиците и можните подобрувања во предлог-измените на Законот за водите. ар/цр

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан