• среда, 25 декември 2024

Министерството за животна средина и Пивара Скопје ќе ја поддржат есенската акција за пошумување

Министерството за животна средина и Пивара Скопје ќе ја поддржат есенската акција за пошумување

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска остварил работна средба со генералниот директор на Пивара Скопје, Душан Митрев.

- Митрев го информира Меџити дека Пивара Скопје целосно и континуирано работи по највисоки стандарди во насока на заштита на животната средина, почнувајќи од изборот на суровини, преку контрола на процесот на производство, дистрибуција и продажба, па се до управување со пакувањето. Пивара Скопје еден од оснивачите на Пакомак, кој е колективен постапувач со отпад што ги рециклира најголемиот дел од производите на Пивара Скопје што се пласираат на пазарот, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.

Министерот Меџити ја поздравил општествено одговорната работа што ја врши оваа компанија, како модел за други компании кои заедно со државните институции можат да се вклучат во борбата против загадувањето на животната средина.

-Министерството за животна средина и просторно планирање и Пивара Скопје имаат континуирана соработка во проекти за рециклирање на производите пуштени на пазарот, како и за чистење на отпадот во животната средина во различни еколошки акции и се партнери во најголемата акција за собирање и класификација на отпадот „Генералка викенд“, која е долгорочна иницијатива што ги поврзува стратешките столбови на Пивара, платформата „Свет без отпад 2030“ и „Нето нулта емисија“ CO2 до 2040 година, се посочува во соопштението.

Во соработка со Пивара Скопје, следниот месец, Министерството ќе ја поддржи акцијата за пошумување, во која за секои 10 килограми отпад собран во текот на пролетната акција „Генералка Викенд“, ќе се засадува по едно дрво.  

-Пивара во доброволна акција минатата година го исчисти брегот на Охридското Езеро, а потоа продолжи со чистење на значајните државни споменици и е прва компанија во земјава која презентираше прицврстено капаче, со што преку примена на иновативни решенија ја потврдува посветеноста кон одржливо управување со отпад и намалување на отпадот преку селекција и рециклирање. Скопска Пивара е компанија со висока општествена одговорност која има интегрирана А-дозвола за контрола и спречување на загадувањето на животната средина, се наведува во соопштението од МЖСПП. дма/бак/

Фото: Министерство за животна средина и просторно планирање

Остани поврзан