• петок, 08 ноември 2024

Министерот Шаќири на тркалезна маса на лидери на Самитот на ОН за трансформација на образованието

Министерот Шаќири на тркалезна маса на лидери на Самитот на ОН за трансформација на образованието
Скопје, 19 септември 2022 (МИА) - На тркалезната маса на лидери што се одржа денеска во рамки Самитот на ОН за трансформација на образованието, шефовите на држави и влади дискутира и ги искажаа националните визии, идеи и заложби за подобрување на квалитетот на образованието во пост-пандемискиот период, соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Според МОН, покрај министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на тркалезната маса присуствуваа и претседателот на Владата Димитар Ковачевски, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Премиерот во својот говор се осврна на заложбите на Република Северна Македонија, но и на конкретните чекори преземени во насока на трансформација на образованието на државно ниво, со цел да се обезбеди квалитетно и достапно образование за сите. -Како резултат на националните консултации за тоа како треба да изгледа образованието во државата во иднина, МОН со поддршка на УНИЦЕФ спроведе повеќе чекори. Надлежните институции и во следниот период продолжуваат да со заложбите кон брзо закрепнување на образовниот систем од последиците на пандемијата со Ковид-19 и намалување на пропустите во учењето настанати во периодот кога воспитно – образовниот процес се организираше во вонредни околности. Еден од приоритетите на МОН и на Владата е градење на инклузивно предучилишно и училишно образование кое ќе ги опфати сите деца, вклучително и оние кои потекнуваат од ранливи категории и семејства, кои мора да стекнат основни вештини за учење за да го остварат својот целосен потенцијал, наведува МОН. Училишната средина, како што стои во соопштението, мора да биде мирна и хармонична, да се почитуваат различностите, да се стимулираат достигнувањата на учениците и да се води грижа за нивното ментално здравје. -Фокусот на образовните политики ќе биде насочен и кон изработка на нови материјали за настава и учење кои ќе бидат достапни и во дигитален формат, инвестиции во развој и примена на нови дигитални алатки, односно инвестиции во подобрувањето на дигиталната инфраструктура на сите училишта, како и грижа за професионален развој на наставниците, особено преку јакнење на дигиталните компетенции. Акцент е ставен и на обезбедувањето можности за доживотно учење, преквалификација и доквалификација. Владата и МОН ќе се заложат за воспоставување на нова финансиска рамка за постепено зголемување на средствата за основно и средно образование за општините до 35 проценти, како и за оптимизирање на училишната мрежа за да можат сите училишта да обезбедат квалитетно образование согласно националните образовни стандарди, посочуваат од МОН. мч/дма/  

Тагови

Остани поврзан