• вторник, 12 ноември 2024

Филков во затворот „Идризово“ по вчерашниот инцидент - пронајдени ножеви, шипки, дрвени рачки, кабли, шрафцигери, шприцеви и игли

Филков во затворот „Идризово“ по вчерашниот инцидент -  пронајдени ножеви, шипки, дрвени рачки, кабли, шрафцигери, шприцеви и игли

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Министерот за правда Игор Филков ја посети Казнено-поправната установа Идризово, по вчерашниот инцидент, кој се случи во затвореното одделение Амбуланта, каде беа повредени припадници на затворската полиција и затвореници.

Филков, како што информира Министерството за правда, во разговорот со директорот на затворот Зоран Јовановски, беше информиран за настанот, како и за проблемите со кои се соочува установата, пренатрупаноста, немањето соодветни просторни услови за сместување, недостигот на медицински персонал и лица задолжени за ресоцијализација.

- По извршениот претрес во одделението Амбуланта биле пронајдени 37 метални шипки, 21 дрвена рачка, 3 кабли, 12 шрафови, 15 ножеви, 4 шрафцигери, пластичен шприц со 2 игли, ножици, парчиња од скршено стакло и 3 полначи за мобилен телефон. При физичката пресметка предизвикана е поголема материјална штета, се вели во соопштението.

Во наредниот период потребно е да се донесат конкретни мерки за подобрување на состојбите и условите во затворите. Состојбата во затворите е алармантна. Ресоцијализација и рехабилитација со лоши услови во затворите не може да има, стои во соопштението. 

Вчера во 13:10 часот во СВР Скопје од КПУ Затвор Идризово било пријавено дека околу 10:30 часот во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка меѓу повеќе осудени лица. Притоа со повреди се здобил Е.М.(26), додека С.Д.(43) и С.М.(29) се здобиле со повреди од остар предмет, по што биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.

МВР соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. мд/са/

Фото: Министерство за правда 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан