• сабота, 21 декември 2024

Министерот Трипуновски во Црна Гора потпиша Протокол за соработка со министерот Јоковиќ

Министерот Трипуновски во Црна Гора потпиша Протокол за соработка со министерот Јоковиќ

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски и неговиот црногорски колега Владимир Јоковиќ денеска во Црна Гора потпишаа Протокол за научна, техничка и економска соработка во областа на земјоделство помеѓу министерствата.

Согласно потпишаниот Протокол, двете земји во областа на земјоделството (градинарството, сточарството, овоштарство, лозарство и заштита на растенија), руралниот развој, ветеринарство, безбедноста на храна, прехранбената индустрија, водостопанството и шумарството ќе овозможат: размена на научни и технички информации и документација; размена на резултати од истражувањата публикувани и верификувани од страна на овластените институции, како и воспоставување директни заеднички активности на споменатите институции; размена на генетски и биолошки материјал од областа на растителното производство и сточарство.

Со Протоколот исто така е предвидено двете министерства да разменат искуства во земјоделската политика, надворешно – трговската размена, специфични мерки на поттикнување и заштита на производството, земјоделството и извозот на земјоделски производи.

Освен тоа, предвидено е и поддршка и заеднички ангажман во креирањето, пронаоѓањето на средства за финансирање и реализација на регионални проекти; развој на организации на производители и здруженија на земјоделците; развој на советодавните служби и друго.

За период од еден месец по потпишувањето на Протоколот, ќе се формира заедничка Работна група, со задача континуирано да ја следи и поттикнува реализацијата на соработката.

- На првата седница членовите од Работната група ќе одлучат за планот на активности во врска со договорените области на соработка. Работната група ќе одржува редовни седници најмалку два пати годишно наизменично во двете земји. Соработката помеѓу двете земји во областа на земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се продлабочува во наредниот период, известуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. ир/цр/


Фото: МЗШВ

Остани поврзан