• среда, 18 декември 2024

Министерот Тошковски во посета на македонската амбасада во Белград

Министерот Тошковски во посета на македонската амбасада во Белград

Белград, 25 јули 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во рамки на работната посета на Република Србија, денеска ја посети македонската амбасада во Белград, каде оствари средба со амбасадорот Никола Тупанчевски и вработените во амбасадата, јави дописникот на МИА од Белград.

Пред тоа министерот Тошковски на граничниот премин Прешево - Табановце беше пречекан од вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, каде заедно ја промовираа кампањата „Вози одморен“ и се заложија за олеснување на протокот на возила на граничните премини меѓу двете држави.

Утре министерот Тошковски ќе биде примен од премиерот на Р. Србија, Милош Вучевиќ, по што во Палата Србија ќе има состанок со домаќинот, министерот Ивица Дачиќ.

Како што најавија од српското МВР, теми на состанокот се - борба против илегалната миграција и управување со границите, борба против организираниот криминал и корупцијата, учество на вежбата EUFORFAST и IOM во Охрид во октомври 2024 година, измени на Договорот и Протоколот за реадмисија - соработка во областа на обуката, размена на полициски службеници за време на туристичката сезона - мешани патроли, унапредување на соработката во областа на обуката на хеликоптерската единица.

По состанокот предвидено е двајцата министри, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ да дадат изјави за медиумите. об/мд/

Остани поврзан