• среда, 25 декември 2024

Министерот Сали прими трета доза „Фајзер“: Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на населението од Ковид-19

Министерот Сали прими трета доза „Фајзер“: Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на населението од Ковид-19
Скопје, 28 јануари 2022 (МИА) – Министерот за здравство Беким Сали денеска се вакцинираше со трета доза вакцина на „Фајзер“ против коронавирус на вакциналниот пункт на Економскиот факултет во Скопје, во рамки на заедничката акција со студентите на Медицински, Стоматолошки и Фармацевтски факултет. Тој упати порака дека вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на здравјето на населението. - Денеска ја примив третата доза на „Фајзер“ и одлично се чувствувам. За сите граѓани, кои имаат недоумица околу вакцинацијата, сакаме да упатиме порака од ова академско место заедно со ректорот Јанкуловски и професорката Грозданова дека вакцинацијата е сигурна и безбедна и оти е најдобар начин за заштита од коронавирусот. И во минатото и во иднина, здравствените политики за заштита на населението, ќе бидат насочени кон промоција на вакцинирањето. Сакам да апелирам дека во нашата држава граѓаните имаат потреба од дополнителна акција, односно стимулирање на вакцинирањето затоа што не можеме да кажеме дека сме задоволни од сегашниот процент на вакцинирани за да пристапиме кон либерализација на заштитните мерки а од Ковид-19, истакна министерот за здравство Сали. Прашан како ќе ја врати довербата кај граѓаните во вакцините, кога меѓу починатите има и вакцинирани и оти кај нас не се одвојуваат пациентите починати од Ковид-19 и оние со Ковид-19, министерот рече методологијата кај нас за разлика од околните држави има поинаков пристап и не треба да не збунува зошто кај нас има над 8 000 починати од Ковид-19, а во другите држави се помалку. - Морам да напоменам дека во интерес на транспарентноста, уште од смиот почеток нашите институции сакаа да прикажат колку се починати од последици од Ковид-19. Факт е дека Ковидот самиот по себе е комплициран и е мултиоргански фактор за отежнување на состојбата на еден пациент, а нормално, може да биде и причините за смрт, рече Сали. Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) проф. д-р Никола Јанкуловски, изјави дека еден од заклучоците на седницата на Ректорската управа од 23 август 2021 година бил да се оформи овој вакцинален пункт во просториите на Економскиот факултет во Скопје којшто е членка на УКИМ во Скопје. - Ние побаравме од Министерството за здравство да ни овозможи пристап до вакцините и од средината на септември започна овој вакцинален пункт да работи со тоа што работното време е од 8 до 14 часот секој работен ден. Овој вакцинален пункт е направен со цел да се омасовува и да се зголемува бројот на членовите од академската заедница, пред сè студентите, но и професорите и академскиот кадар на Универзитетот да имаат подобар, побрз пристап до вакцините и досега од прилика се дадени без малку околу 500 вакцини, така што еве и јас апелирам со оглед на тоа што овој вакцинален пункт е обучен, опремен е со двајца доктори, две медицински сестри од Поликлиниката при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, тука овие наши ресурси коишто беа основа и стожер да се оформи овој пункт треба да биде искористен максимално од академската заедница, но сигурно нема да вратиме некој ако дојде, изјави ректорот. Студентот Дамјан Георгиевски рече дека иницијативата за денешната вакцинација произлегува од факултетите, бидејќи сите сакаат да се врати настава со физичко присуство, поради тоа што онлајн наставата не даде некои резултати. - Меѓутоа, за да го направиме тоа ќе мораме во што поголем број да се вакцинираме и затоа пунктот е отворен од денеска секој работен ден, кој сака може да дојде од студентите и да се вакцинира. Пунктот е отворен на УКИМ и би сакал да се заблагодарам исто така и на нашите факултети коишто не поддржуваат во ова, но и на Министерството за здравство, изјави Георгиевски. Студентката Ивана Баловска рече дека на Медицинскиот факултет голем дел од студентите се вакцинирани и тие имаат практична настава со физичко присуство кое, како што рече, е есенцијално во образовниот процес на идните млади доктори. - Сакам да пратам порака до сите млади да се мотивираат да се вакцинираат бидејќи изборот е индивидуален, но научните сознанија и докази кажуваат дека се спречуваат тешки компликации којашто не се бира возраст на оваа инфекција и можат да завршат фатално, да останат во добро здравје и да се чуваат, вели Баловска.ир/лв/

Остани поврзан