• среда, 25 декември 2024

Министерот Ристовски се сретна со претседателот на Светската атлетска асоцијација Себастијан Коу

Министерот Ристовски се сретна со претседателот на Светската атлетска асоцијација Себастијан Коу

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Министерот за спорт Борко Ристовски денеска се сретна со лордот Себастијан Коу, претседател на Светската атлетска асоцијација, поранешен член на британскиот Парламент и актуелен член на бордот на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК) кој официјално е кандидат за прв човек на ИОК на претстојните избори во март 2025 година.

На средбата во Владата, како што информира ресорното министерство, беше дискутирано за поддршката што Министерството за спорт ја обезбедува за Атлетската федерација на Македонија, како и за идните проекти и иницијативи за унапредување на македонската атлетика.

- Ми претставува особена чест што лорд Себастија Коу е наш гостин во Владата. Се надевам на идна успешна соработка и заедно да придонесеме за развој на македонската атлетика и на спортот воопшто. Се залагам за поддршка на сите спортови, меѓутоа свесен сум за важноста на атлетиката како базичен спорт и основа за развој на национален спорт и токму затоа Атлетската федерација на Македонија е ставена во приоритетите на Министерството за спорт од индивидуалните спортови, истакна министерот Ристовски.

Коу изразил благодарност за гостопримството и можноста Скопје да биде домаќин на Конвенцијата на Европската атлетска асоцијација, која се одржува деновиве, како и на манифестација „Golden Tracks Skopje 2024“, која ќе се одржи утре во Националната опера и балет.

Претседателот на Светската атлетска асоцијација, како што се наведува, изрази огромна поддршка и воодушевеност што во земјава има Министерство за спорт и нагласи дека тоа ќе придонесе за подигнување на македонскиот спорт на многу повисоко ниво.

- Многу ми е драго што втор пат сум во Македонија, инспиративна и прекрасна земја. Прв пат сум во Владата и сум воодушевен од средбата со министерот Ристовски. Го следиме напредокот на атлетиката во вашата земја кој е во евидентен пораст и се надеваме дека со формиртањето на новото Министерство за спорт и со поддршката на министерот ќе ја подигнеме атлетиката на повисоко ниво, рече Коу.

Од Министерството за спорт посочуваат дека присуството на претседателот на Светската алетска асоцијација е особено значајно бидејќи Коу е еден од највлијателните и најпочитуваните фигури во светската спортска елита. мд/лв/

Фото: Министерство за спорт 

Остани поврзан