• вторник, 24 декември 2024

Министерот Перински во посета на подновената специјална здравствена установа во Отешево

Министерот Перински во посета на подновената специјална здравствена установа во Отешево

Скопје, 21 август 2024 (МИА) - Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска беше во посета на Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања - Отешево. Таму, за првпат од постоењето, се презедоа мерки за подобрување на условите за третман на пациентите и за работа на медицинскиот персонал, благодарение на инвестицијата на Министерството и Швајцарската агенција за развој и соработка, се наведува во соопштението на надлежното министерство.

- Осовременувањето на установата чинеше 23.483.676 денари, Министерството партиципираше со 13.203.086 денари, а 10.280.590 денари обезбеди Швајцарската агенција за развој и соработка, пишува во соопштението.

Како што се додава, објектот веќе работи со полн капацитет, реконструирани се кровот, 18 соби, делот за приемна дневна терапија, лабораторија за спирометрија, набавен е сет од дигитална апаратура за физикална терапија, извршена е реконструкција и на тоалетите.

- Лично се уверив, дека првпат, по четири децении, пациентите конечно имаат соодветни услови за престој, а персоналот за непречено извршување на тековните обврски. Сега пациентите не треба да стравуваат дека во собите ќе им прокиснува и при ситен дожд. Овозможен им е и интернет пристап, а купена е и ставена во функција опрема со што се дигитализирани и олеснети услугите за пациентите. Особено ме радува што денеска сведочам за соодветните стандарди што треба да ги нуди оваа специјализирана институција, единствена од тој тип во државава, пишува во писмената изјава на министерот Перински, кој го посетил Заводот заедно со директорот Благоја Китановски и директорот на Центарот за развој на Пелагониски плански регион, Јосиф Балтов.

Сите биле согласни дека, според својата функционалност и начин на делување во своето подрачје, Заводот нема само регионално, туку и национално значење, „затоа што во него доаѓаат пациенти од целата држава, но и од регионот“.

- Болницата е и воздушна бања што помага и во пост-Ковид рехабилитација, што е од особено значење ако се има предвид големиот број граѓани со последици од пандемијата, се посочува во писмената изјава на Китановски.

Тој истакнал дека пациентите, решението за здравствените проблеми го наоѓаат во оваа установа, не само поради специјализираноста, туку и поради местоположбата.

Според Балтов, „самиот преспански микрорегион е туристичка атракција како за домашни, така и за странски туристи, притоа зголемувајќи ја атрактивноста на цел пелагониски регион“.

- Сето ова е предуслов за развој и на здравствениот туризам, се наведува во изјавата на директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

Како што се додава во соопштението, установата постои повеќе од 42 години и на пациентите им овозможува физикален третман, кинезитерапија, вежби за дишење, дренажи, кондициски вежби, инхалации и други методи, според највисоките светски стандарди.

- Сите овие третмани, до пред реализацијата на проектот, се изведуваа во отежнати услови поради немање соодветна опрема и инфраструктура, се истакнува во соопштението на Министерството за локална самоуправа. бд/ев/

Фото: Министерство за локална самоуправа

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан