• среда, 25 декември 2024

Министерот Николовски од форумот во Солун упатил покана до грчките компании да инвестираат кај нас

Министерот Николовски од форумот во Солун упатил покана до грчките компании да инвестираат кај нас

Атина, 22 октомври 2024 година (МИА) – Покана до грчките бизниси да инвестираат во Северна Македонија, која се надградува и енергетски и на ниво на транспортната инфраструктура, упатил заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски за време на неговото учество на вториот „Форум за поврзување во Југоисточна Европа“ (Southeast Europe Connectivity Forum) во Солун, соопштија организаторите, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот истакнал дека новата Влада спроведува многу амбициозна програма за економски развој на земјата.

- Веќе ја намаливме инфлацијата за два процентни поени. Ќе бидеме земја број еден во економскиот развој на Балканот во 2025 година. Добрите односи меѓу двете земји дополнително ќе се развиваат во следниот период, нагласил Николовски и додал дека е „природно да има интеракција меѓу економиите на Грција и Северна Македонија“, но и дека развојот на нашата земја е во интерес на јужниот сосед.

За енергетиката, според организаторите, министерот посочил дека земјата е зависна од рускиот природен гас, но веќе „почна тендерскиот процес кој ќе биде завршен следниот месец за интерконекторот за природен гас со Грција“ и потсетил на Меморандумот за соработка со што неодамна беше потпишан со Србија за изградба на интерконектор.

Во однос на железничката мрежа, објаснил дека Владата има намера да ја реконструира железничката врска со Грција, со цел за пет години да има брза врска која може да постигне брзини на возот од 120-130 километри на час, со што ќе се надгради и товарниот и патничкиот транспорт меѓу двете земји.

Дополнително, како што соопштија од Форумот, Николовски истакнал дека намерата на Владата е да се намали данокот на корпоративна добивка на најниско ниво во Европа.

Модератор на дискусијата беше претседателот на Грчката бизнис-асоцијација во Северна Македонија Арис Влахос, кој истакнал дека грчките бизниси во последните години инвестирале 700-800 милиони евра во Северна Македонија.

„Форум за поврзување во Југоисточна Европа“ што денеска и утре се одржува во Солун е организиран од Tsomokos Communications, стратешкиот партнер е Солунското пристаниште, а оваа година се одржува по втор пат и има за цел да ги истакне клучните аспекти на иднината на транспортот и инфраструктурата во регионот. ср/са/

Фото: Southeast Europe Connectivity Forum

Остани поврзан