• среда, 25 декември 2024

Министерот Муртезани на билатерална средба со вицепремиерот на Владата на Косово, Бесник Бислими

Министерот Муртезани на билатерална средба со вицепремиерот на Владата на Косово, Бесник Бислими

Скопје, 18 ноември 2024 (МИА) - Во рамки на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Косово, што се одржа во Приштина, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска одржа билатерална средба со Заменик-претседателот на Владата на Република Косово, Бесник Бислими, задолжен за европска интеграција, развој и дијалог, информираат од Министерството за европски прашања. 

На средбата се разговарало за унапредување на соработката во процесот на реформите и приближувањето кон Европската Унија, при што била нагласена важноста на меѓусебната поддршка и размена на искуства во спроведувањето на реформите и усогласувањето со европските стандарди.

Министерот Муртезани ја истакнал заложбата на Република Северна Македонија за продолжување на конструктивниот дијалог со Косово, како важен придонес за регионалната стабилност и заедничкиот развој. Во тој контекст, била потенцирана и улогата на ИПА III програмата за прекугранична соработка (2021–2027), која претставува пример за ефективна меѓусебна соработка насочена кон заштита на животната средина, економски развој и зајакнување на локалните заедници.

Двајцата соговорници се осврнале и на меѓусебната координација во процесот на имплементација на Реформските агенди на двете земји и изразиле оптимизам за натамошно јакнење на билатералните односи, со акцент на заедничката посветеност за европските интеграции и остварување на визијата за стабилен, просперитетен и европски Западен Балкан. сст/аа/

фото Министерство за европски прашања

Остани поврзан