Министерот Минчев оствари средба со претставници на ОЕЦД и СИГМА
- Министерот за јавна администрација Горан Минчев, денеска остварил работна средба со Баграт Тунијан, виш советник при Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Грегор Вирант, раководител на програмата СИГМА, на која се разговарало за тековните реформи во јавната администрација и можностите за понатамошна соработка во нивната имплементација.
Скопје, 28 ноември 2024 (МИА) - Министерот за јавна администрација Горан Минчев, денеска остварил работна средба со Баграт Тунијан, виш советник при Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Грегор Вирант, раководител на програмата СИГМА, на која се разговарало за тековните реформи во јавната администрација и можностите за понатамошна соработка во нивната имплементација.
Главен фокус на состанокот бил ставен на приоритетите и заложбите на Министерството за јавна администрација, особено на предлог законите и стратегиите што имаат за цел унапредување на ефикасноста и професионалноста на јавните институции.
Како што соопштија од Министерството за јавна администрација, Минчев ја нагласил важноста на реформите во јавната администрација за подобрување на квалитетот на јавните услуги и за градење поголема доверба на граѓаните во институциите. Тој упатил благодарност за континуираната стручна поддршка од страна на ОЕЦД и СИГМА и истакнал дека Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на модернизација на јавниот сектор и подобрување на неговата ефективност.
Раководителот на програмата СИГМА Вирант, ги претставил своите препораки и согледувања за предизвиците со кои се соочува Министерството, посебно во областа на управувањето со јавната служба и зајакнувањето на административните капацитети.
На средбата била истакната можноста за продолжување и продлабочување на соработката, редовна размена на искуства, како и следење на напредокот во реализацијата на клучните реформи.
Средбата била оценета како важен чекор кон унапредување на јавната администрација и поттикнување на долгорочни партнерства за реформи. цр/лв/
Фото: Министерство за јавна администрација