• среда, 27 ноември 2024

Министерот Лога со писмо ја информира меѓународната заедница  за неспроведувањето на пресудите на ЕСЧП од страна на Бугарија

Министерот Лога со писмо ја информира меѓународната заедница  за неспроведувањето на пресудите на ЕСЧП од страна на Бугарија

Скопје, 11 мај 2023 (МИА) - Министерот за правда Кренар Лога испрати дописи до Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, Делегацијата на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ и Програмската канцеларија на Советот на Европа со кои ги информира за неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Република Бугарија.

Во дописот, што е испратен заедно со 14-те пресуди, информираа од Министерството за правда, посочено е дека се бара поддршка од меѓународната заедница во делот на унапредувањето и заштитата на човековите права.

- Исполнувањето на оваа цел подразбира постоење на континуирана заложба и за доследно почитување на меѓународните обврски кои Република Северна Македонија ги има превземено како земја која моментално е во процесот на евроинтеграции.Почитувањето на меѓународни документи е исклучително важен сегмент за кој особено земјите членки на ЕУ, но и земјите кои претендираат да добијат членство во ЕУ е неопходно да се залагаат, стои во соопштението од МП.

Меѓународната заедница, се посочува, претставува исклучително важен партнер на Република Северна Македонија, кој е вклучен во сите реформски процеси и партнер кој несомнено цврсто и доследно се залага за почитување на владеењето на правото. 

- Оттука, Министерството за правда смета дека е од особена важност да се актуелизира прашањето за неспроведувањето на пресуди на ЕСЧП , истакнувајќи ја потребата од поддршка од меѓународната заедница за доследно спроведување на пресудите на судот, се вели во соопштението од МП. цр/са/

Фото:Министерство за правда

Остани поврзан