• сабота, 23 ноември 2024

Министерот Лимани  на 6. Меѓународен самит за жените и правдата во Турција 

Министерот Лимани  на 6. Меѓународен самит за жените и правдата во Турција 

Скопје, 9 ноември 2024 (МИА) - Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани во рамки на работната посета на Република Турција, денеска учествувал на шестиот Меѓународен самит за жените и правдата, кој оваа година е на тема „Жените во ерата на вештачката интелигенција: Растечки предизвици и зголемени можности“.

Домаќин на настанот е турското Министерство за семејство и социјални услуги со поддршка на  Здружението жени и демократија (KADEM), а присуствувал и претседателот на Република Турција, Таип Реџеп Ердоган, првата дама на оваа земја, Емине Ердоган, министерката за семејство и социјални услуги, Махинур Оздемир Ѓокташ, како и министри од повеќе земји и претставници на Здружението жени KADEM.

Како што информира Министерството, на панел-дискусијата министерот Лимани соопштил дека „Република Северна Македонија сериозно работи на подготовките за влез во Европската Унија приближувајќи ги своите институции и законодавство кон нејзините стандарди“.

Посочил дека  особено внимание му се посветува на корпусот прашања за човековите права и слободи како и еднаквите можности за секој граѓанин.

-Владата на Република Северна Македонија насочено работи и на полето на родовата рамноправност свесна дека вистинската демократизација на земјата не е можна без целосно и непречено вклучување на мажите и жените во сите општествени текови. Треба да вложиме повеќе напори во отстранување на пречките за жените и девојките за еднаков пристап до правдата, како што се културните бариери, стравот и недовербата во судскиот систем или дискриминаторските ставови и сексистичкото однесување во правосудниот систем, истакнал Лимани.

Се осврна на неодамнешниот извештај за имплементацијата на Препораката од 2019 година на Советот на Европа кој, како што се наведува во соопштението „покажа дека и покрај одреден напредок, треба да ги интензивираме нашите напори на многу нивоа како што се образованието, (дигиталните) медиуми, културата, академската и професионалната ориентација со цел да се бориме против сексизмот и да прекинеме со родови стереотипи“.

Во насока на имплементација на прифатените и ратификувани документи за родова еднаквост и човекови права, министерот Лимани истакнал дека државата ќе работи на внесување на родовата перспектива во креирањето на вештачката интелигенција.

-Темата за жените и вештачката интелигенција е многу важна бидејќи во оваа област има значајни предизвици и месности за жените. Во технолошката индустрија во Северна Македонија, жените сеуште се соочуваат со родов јаз во однос на вработување напредок и видливост а вештачката интелигенција овие прашања може да бидат уште понагласени поради комплексноста на самата област. Затоа е потребно преку соработка со релевантни институции во државата и регионот да ги преземеме позитивните пракси преку реализација на вакви и слични настани, посочил Лимани. хс/са/

Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади

Остани поврзан