• сабота, 23 ноември 2024

Министерот Дурмиши, вицепремиерот Фетаи и заменик-министерот Беџети ја посетија компанијата „Тиамо“ во Сарај

Министерот Дурмиши, вицепремиерот Фетаи и заменик-министерот Беџети ја посетија компанијата „Тиамо“ во Сарај

Скопје, 1 август 2024 (МИА) - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, вицепремиерот за политики и добро владеење Арбен Фетаи и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Флакрон Беџети денеска го посетија селото Глумово во Општина Сарај, каде извршија увид во фабриката за преработка и производство на месни производи „Тиамо“.

Дурмиши, како што информира Министерството за економија и труд, беше информиран од страна на менаџментот на компанијата за тековната работа, плановите за идните инвестиции, зголеменото производство и проширувањето на пазарите во регионот. Фабриката „Тиамо“, основана во 1997 година, е еден од најпопуларните локални и национални брендови, препознатлив по својот квалитет и долга традиција. Фабриката користи напредна технологија која го забрзува и олеснува работниот процес, зголемувајќи го квалитетот на производите.

Министерот Дурмиши го информираше раководството дека за поддршка на микро, мали и средни претпријатија, Министерството за економија и труд објави пет јавни повици согласно Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста за 2024 година.

- За овие мерки од Буџетот на Министерството се издвоени вкупно 80 милиони денари. Еден од јавните повици вклучува надоместување на дел од трошоците за сертификација на ХАЛАЛ системот. За оваа мерка се предвидени 2 милиони денари, со кофинансирање од 40 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 200 илјади денари за секој апликант. На овој повик може да аплицираат сите микро, мали и средни претпријатија од преработувачката индустрија кои ги исполнуваат поставените критериуми, се вели во соопштението.

Дурмиши истакна дека се предвидени 250 милиони евра за поддршка на бизнисот, кредитни линии обезбедени од Владата во соработка со Република Унгарија.

- Министерството за финансии ги подготвува законите за оваа кредитна линија и ќе ги утврди условите за аплицирање. Финансиската поддршка ќе биде обезбедена преку комерцијалните банки или Банката за развој на Северна Македонија, со цел да сесоздадат флексибилни услови за кредитирање на компаниите, стои во соопштението. мд/нд/

Фото: Министерство за економија и труд

Остани поврзан